Културолошка размена исток-запад

Прирачник за „мрсни" англиски зборови за Јапонци

Јапонија на Западот меѓу другото му ги има дадено икебаните, хаику песните, филмовите на Куросава и самураите. Што ѝ дава за возврат западната цивилизација на Јапонија? Прирачник за користење непристојни зборови од англискиот.

Автор на книгата е извесен Мадсаки, сликар и графички дизајнер кој 25 години живеел во САД. Долгиот наслов на неговиот „учебник" гласи „Како коректно да го користиш fuck: 99 фрази со fuck, shit, damn и hell кои нема да ги научите во училиште и кои треба внимателно да се користат".

Почетниците се советуваат да ги вежбаат речениците со блиски пријатели или пак самите со себе, a мрсните зборови се рангирани од крајно неприфатливи до „може да поминат". Сепак воведот завршува со сериозно предупредување дека „некоректното ракување со нив може да ве стави во ризик, да доведе до лесни или сериозни повреди, па дури и до смрт".

Секоја од речениците е илустрирана со некоја филмска сцена или со портрет на славна личност, а поглавјата пак со цитати кои ги содржат непристојните зборови. Во освртите кон книгата се вели дека во преводите на некои од идиомите има и понекоја грешка, како на пример кај Damn, she's hot (од непознати причини илустрирана со слика на Вуди Ален), што на јапонски наводно е преведено како „не ми се верува, таа е прекрасна жена".

Книгата содржи и ЦД кое овозможува да се чуе точниот изговор на сите споменати изрази, без кои културолошката размена помеѓу исток и запад би била баш...заебана.

Видео во кое Јапонци читаат делови од книгата, видно забавувајќи се

24 јуни 2014 - 20:38