Модерната опсесија со украдените уметнички дела може да се поврзе со нешто што се случувало во 1876. Тогаш галеријата Томас Егњу и синови го изложиле портретот на Џорџијана, војвотката од Девоншир, слика на познатиот англиски пејзажист и портретист Томас Гејнсборо.
Сликата не била видена цели 50 години, а претходно ѝ припаѓала на извесна госпоѓа Магинс, која не се мислела два пати пред да ѝ ги пресече нозете на Војвотката, за сликата да ѝ се вклопува над каминот. Осакатената аристократка била откриена таму од лондонски трговец со уметнички дела, Џон Бентли, кој ја купил за само 56 фунти. Откако сликата променила неколку сопственици, на крај ја купил банкарот Џуниус Морган, како подарок за својот син, уште попознатиот Џон Пирпонт Морган (или скратено Џ. П. Морган) и се согласил дилерите да ја изложуваат неколку недели во нивната галерија пред да ја преземе.
Откритието и продажбата на сликата оддекнало во медиумите, и Војвотката уште еднаш станала позната. Сепак, сумата којашто била обелоденета инспирирало еден американски крадец, Адам Ворт, кој тогаш живеел во Лондон под лажно име - Хенри Џ. Рејмонд, хумористична асоцијација на истоимениот основач на Њујорк Тајмс.
Идејата на Ворт била да ја украде сликата и да бара откуп, а парите му требале за да го ослободи својот брат од затвор. Така, на полноќ на 27 мај, тој со цилиндар на главата и двајца помошници, се упатил кон Бонд стрит, се искачил до прозорецот на првиот кат, насилно го отворил со хебла, ја исекол сликата од рамката (ова е време пред алармите) и исчезнал во ноќта. Кражбата станала сензација, а галеријата понудила 25.000 долари за нејзиното враќање.
Но за беља, адвокатот на братот успеал да го ослободи, па парите од откупот веќе не биле потребни. Адам ја сочувал сликата која веќе не можел да ја продаде, и изгледа дека воспоставил некој вид емотивна врска со неа.
Следните 25 години, додека течела неговата кариера на криминалец во Европа, САД и Јужна Африка, а вклучувала и кражби на дијаманти и четиригодишна затворска казна, тој патувал со Војвотката скриена во таен дел на својот куфер. Ја вадел навечер, ја ставал помеѓу две дрвени плочи за да не се оштети и спиел со неа под душекот.
Ворт помеѓу другото бил и коцкар, па на една игра во Чикаго загубил цели 11.000 долари (денешни речиси 400.000 долари). Човекот што му ги зел се викал Патрик Френсис Шиди, кој иако не го познавал, сепак од нив на масата од сочувство му оставил 2.000. Кога Ворт заглавил во затвор му се обратил за помош, признавајќи му дека ја има сликата. Шиди тогаш се ангажирал како посредник во враќањето на сликата на сопствениците за одредена сума, но тој самиот ја побарал само „привилегијата на правење графикиод неа“. Сликата била купена за 150.000 долари од оригиналниот сопственик, Џ.П.Морган.
За приказната се заинтересирал американски новинар кој го прашал сер Едвард Брадфорд, во тоа време шеф на полицијата, дали понекогаш соработуваат со поранешни крадци, бидејќи било очигледно дека некому тука му било прогледано низ прсти. Патем, Брадфорд бил познат по тоа што кога бил нападнат од тигар во Индија, следејќи совет кој некаде го прочитал, стоел совршено мирен и тивок додека ѕверот му ја јадел левата рака, сè додека не дошле спасувачите. Овој полицаец-стоик признал дека полицијата понекогаш „користи лица кои не е нужно да се именуваат“.
Сепак, името на Ворт станало познато. Тој добил прекар „Наполеон на криминалот“, а Артур Конан Дојл го искористил како модел за ликот на професор Моријарти. Што се однесува до Војвотката таа останала кај морганови до 1994, коа 11 војвода од Девоншир ја купил на аукција и конечно ја вратил дома.