Приказната за серискиот убиец од Њу Орлеанс кој сакал џез

Го викале „Човекот-секира“, вршел брутални убиства токму со ова оружје, напаѓал луѓе во нивните домови и сакал џез. А, да. И никогаш не бил фатен.

Помеѓу 1918 и 1919, кога Човекот-секира ги вршел своите напади, џезот бил во својата почетна фаза, но брзо почнал да се развива во јужњачкиот пристаништен град, во кој во тоа време била тазе укината сегрегацијата. Во него живеела мешавина на Афро-Американци, Евреи, Креолци, белци и сите останати, а џезот бил звук на младата генерација подготвена да се забавува.

На почетокот убиецот не бил познат како Axeman, туку како мистериозен напаѓач кој масакрирал цели семејства во нивните домови, најчесто со секирата која им припаѓала на самите убиени. Весниците од тоа време известувале за сите морничави детали, ширејќи страв и ужас на улиците на Њу Орлеанс тоа лето, 1918.

Едно ги поврзувало неговите жртви - сите биле трговци-Италијанци. Но името на овој убиец влегло во историските читанки најмногу заради еден друг детал - тоа што на 14 март 1919 тој (наводно) испратил своерачно напишано писмо до медиумите. Тоа гласело:

Почитуван смртнику од Њу Орлеанс

До сега ме немаат фатено, и никогаш нема да го сторат тоа. Никогаш ме немаат видено, затоа што суm невидлив, како етерот што ја опкружува земјата. Не сум човечко суштество, туку дух и демон од најжешкиот пекол. Јас сум оној кого Орлеанчаните и вашата будалеста полиција го нарекуваат Човекот-секира.

Кога ќе сметам дека ми одговара, ќе убијам уште луѓе. Самиот знам кои ќе бидат тие. Нема да оставам трага освен мојата крвава секира, натопена со крв и мозок од оној кого ќе го испратам испратено таму долу, за да ми прави друштво.

(...) Да бидам поконкретен, во 00:15 (земско време) следниот вторник вечер, ќе поминам низ Њу Орлеанс. Заради мојата длабока милосрдност, ќе ви дадам предлог: бидејќи сум голем обожавател на џезот, се колнам во сите ѓаволи дека секој оној во чиј дом до даска гласно ќе свири џез бенд ќе биде поштеден. Она што е сигурно е дека некои од вас, кои нема да „џезирате“ таа специфична вторнична ноќ, ќе си добиете од секирата.

Се надевам дека ќе ми го објавите ова писмо. Јас сум и ќе бидам најлошиот дух кој некогаш постоел, или како факт, или во вашата фантазија.

Ваш, 

Човекот-секира

Тој вторник музичкиот град бил уште пожив од вообичаено. Луѓе пуштале грамофони, мавале по пијаната (ако ги имале), се пикале по џез клубовите. Тоа веројатно била најголемата џез вечер во историјата. И, изненадувачки, никој не бил заклан.

Човекот-секира извршил четири други убиства во периодот кој следел, а потоа исчезнал. Не оставил отпечатоци од прсти, немало осомничени, немало негов физички опис. Случајот никогаш не е решен. А историчарите, иако немаат успеано во откривањето на неговиот идентитет, во едно се согласни - дека тој не го напишал писмото.

Оној кој стоел зад оваа измама е најверојатно Џон Џозеф Давила, музичар и џез композитор, кој веднаш по објавувањето на писмото издал и продавал нотен запис наречен „Мистериозниот џез на Човекот-секира (Не ме плаши тате)“. Така заработил куп пари, од лажната вест и од стравот на неговите сограѓани, но и додал малку музички „зачин“ на профилот на убиецот, за кого до денес не знаеме дали навистина сакал џез.

Извор: Книгата на Миријам Дејвис, „Човекот-секира од Њу Орлеанс: вистинската приказна“

19 октомври 2018 - 20:07