Тајлер од Аризона една вечер се враќал со жена му од некаква забава и расположен свиркал песна која често ја слушал во младоста, во 1990-тите. Кога таа го прашала од кого е, не му текнувало. Уште во кола пробал да ја гугла, без успех. Дошле дома, таа си легнала, а тој до три и пол сабајле уште барал. И така со денови, додека не дошол на раб на лудило. Бил СИГУРЕН дека песната постои, дека во некој момент дури била и хит, а сепак не можел да ја пронајде.
Иако не е музичар, а и не е баш нешто музикален, се обидел дури и да сними своја верзија на песната, со импровизирани инструменти и со (лошо) пеење. Потоа го постирал ова по социјални мрежи, каде нашол слично прашање како неговото (со пар слични стихови) од извесен гитарист од Тринидад и Тобаго. Ова не му го решилo проблемот, но барем му укажало на тоа дека а) не е луд, б) сепак се работело за популарна песна штом стигнала толку далеку. Не помогнале ни апликациите за препознавање песни како Саундхаунд или Шазм.
Кога неговата сага стигнува до момците што го прават популарниот подкаст Reply All, „заразата“ се проширува. Еден од водителите решава да собере бенд и да сними попрофи верзија од песната што се вртела во главата на Тајлер. Ни помалку ни повеќе туку во студиото Јунајтед рекординг во Холивуд кое на времето го направил Френк Синатра, а во него е сниман и „Трилер“ на Мајкл Џексон.
Сите се возбудени што треба да реконструираат парче музика од не-толку-сигурна меморија, „како од фосилизиран отпечаток на диносаурус да се рекреира целото животно“. Почнуваат да пробуваат, а Тајлер, кој е на лице место, им дава многу прецизни инструкции, како да звучи гитарското соло („како U2"), или басот да не биде толку „густ“. Целиот процес изгледа како правење фото-робот на осомничен, кога некој опишува а друг црта. Во овој случај прави песна, која на крај звучи вака:
Процесот е успешно завршен и конечно се располага со нешто кое може да се праќа по луѓе, за детективската потера да продолжи. Дечките од Риплај ол му се обраќаат на, ни помалку ни повеќе, туку уредник во познатото музичко списание Ролинг Стоун. Тој не ја препознава песната, но вели дека може да собере цела екипа во конференциска соба, со колеги кои се и постари од него, за да ја слушнат заедно. Повторно ништо. Еден од нив дури излегува со теорија дека Тајлер всушност прави некаков пренк, односно можеби станува збор за негова песна која на овој необичен начин сака да ја популаризира. Или дека едноставно сака да привлече внимание.
Но водителите некако му веруваат на Тајлер, и решаваат да продолжат. На нивниот список слушатели се наоѓаат познати музички критичари, луѓе кои ги имаат слушнато сите можни поп песни од шеесетите до денес, па дури и поранешниот вокалист на „Бернејкед лејдис“, кои на времето направиле песна која потсетува на осомничената. Резултат - нула. Но последниов дава сепак еден добар совет, односно објаснување - дека најверојатно се работи за „пилот“ песна која одредена дискографска куќа ја пуштила во промет по радијата за да види дали ќе „запали“, па кога тоа не се случило едноставно ја закопале. Затоа и ја нема по интернет и во колективната меморија.
Во меѓувреме целиот бенд кој ја исвири песната, како и водителите на подкастот, се како болни. Не можат да спијат, по сто пати ја вртат песната низ глава. „Вирусот“ на исчезнатиот хит се шири. При разговор со повозрасна продуцентка која го напуштила музичкиот бизнис за да се занимава со наука (меѓу другото и аудио когниција), таа излегува со нова теорија - дека Тајлер всушност во главата направил мешавина од стихови од една песна со музика од друга. И дека ова им се случува и на многу поискусни музичари. На пример Принс во нејзино присуство седнал на пијано и почнал нешто да свири, а потоа се свртел и прашал: „Ова е стварно фино, да не сум го напишал?“
После триста перипетии некому му текнува да ги пребарува стиховите и на Фејсбук. Одеднаш излегува пост на некој тип од Филипините, кој го идентификува и пејачот - Еван Скот Олсон, кој е истовремено и автор на песната по која се трага, под наслов „Многу подобро“ (So Much Better). Всушност, тој ја снимил сосема сам во својата спална соба, кога имал триесет години. И да, тогаш слушал многу U2. Изрежал цел албум на ЦД и го делел бесплатно кога имал настапи во локалните кафани во Северна Каролина. До моментот кога му се јавиле од најголемата дискографска куќа во светот, Јуниверзал мјузик, и го поканиле на разговор со извршниот директор.
Уште како во сон, Еван потпишал договор за издавање на албум, но тој не бил преснимен во асално студио туку прво пуштен пробно, онаков каков што бил на ЦД-то кое го делел. Точно тогаш Тајлер ја слушнал песната која требала да биде ударниот хит од него по радијата, затоа што куќата прво сакала да се обезбеди дека таа ќе стане популарна пред да вложат во асална продукција и дистрибуција на албумот. И точно како што опиша претходно пејачот на „Бернејкед лејдис“, потоа едноставно ја „убиле“ целата идеја. Еве ја оригиналната песна:
Еван се вратил на нормалниот живот, настапувајќи локално и свирејќи главно кавери. Но целиот настан сепак му дал самодоверба, дека го бива за музика и треба да остане во неа. Зачудувачки е што оригиналот и не е така далеку од она што го сними бендот од сеќавањето на Тајлер. Сега сите засегнати од „вирусот“ на песната се конечно раат. А нам таа уште долго ќе ни се врти низ глава.
Епизодата од подкастот тука