Додека играла Рут не правела муабет со никого, не кажувала вицеви, само концентрирано удирала по топчињата. Така го заслужила прекарот „Кралица на билијардот“. Родена во 1910, таа почнала да игра во берберницата на нејзиното семејство кога имала 7 години: татко ѝ чувал две маси за билијард за муштериите што чекале ред, и кутија од сапун за малата Рут да може да стои на неа додека игра.
Билијардот бил многу популарен во тоа време. Во текот на животот на МекКинис натпреварувачите имале статус на славни личности, и за нив често излегувале статии во весници како Њујорк Тајмс. Видот кој таа го играла бил „обичен“ билијард (straight pool), оној кој го игра Пол Њумен во The Hustler, во кој играчот кажува која топка ќе ја удира, па ако успее да вметне 14 во дупките може да искористи 15-та за да почне нова рунда.
Кога таа имала околу 10 години можела да вметне дури 47 топки една по друга - само колку за споредба повеќето професионални играчи на билијард денес не можат да го постигнат ова.
МекГинис учела да стане наставничка по физичко, но кога дипломирала на педагошкиот факултет во Строудсбург во 1932 Големата депресија веќе ја уништувала Америка. Мрачните сали за билијард станале магнети за невработените мажи, кои тука си го трошеле времето за помалку пари отколку да пијат во кафана. Тоа значи бил машки домен во кој МекГинис, инаку левак, си го нашла своето место. И не само во една билијард-сала, туку во голем број од нив низ целата земја. Програмата преку која таа настапувала се нарекувала „Подобар билијард“, а спонзорот, Националното здружение за билијард на Америка, ја плаќало да одржи краток говор за играта, да изведе некои трик удари и потоа да го предизвика локалниот шампион. И тоа секогаш ѝ успевало.
Спортистките од тоа време не биле сметани за сериозни натпреварувачи - дури и оние поетаблираните, како Бејб Дидриксон Захаријас, која освоила медаља на Олимпијадата во 1932 во Лос Анѓелес, поголемиот дел од својот живот се мачела да се занимава професионално со спорт. Таа дури се зафатила да научи билијард и да игра со МекГинис, но била сурово поразена со 400-62. Од 1933 до 1939 Рут загубила само 29 од дури 1532 натпревари, со коефициент на победа од 0.976.
И покрај одличната репутација, таа сепак трпела притисоци, оговарања и навреди, а секако ѝ пречело и тоа што не можела да се расчекори околу масата како што тоа го можеле мажите, и така да заземе подобра играчка позиција. Не можела ни да игра на турнири, бидејќи немало доволно женски играчи со кои би се натпреварувала.
„Мило ми е да победувам мажи, затоа што тие секогаш изгледаат толку агилни да си ја покажат супериорноста“, изјавила во 1940. „Повеќето од нив играат како тоа да е прашање на живот или смрт. Да играв јас така ќе ме затвореа во некоја институција како луда“.
МекГинис умрела во 1974. Била одбрана за членка на халата на славните на Билијардскиот конгрес на Америка во 1976, а на местото каде почнала да игра стои спомен плоча која ги инспирира денешните натпреварувачки во овој спорт.