Од тогаш до денес во истата серија се излезени стотици значајни наслови од разни светски книжевности, со привлечен дизајн и (дури и за наши услови) иста таква цена. Во изборот на уредниците ретко се случува утка, освен кога одлучија да ја објават автобиографијата на Морисеј, со образложение дека парите заработени од оваа книга ќе ги вложат во следни изданија на Монтењ (за што пишувавме тука).
Една од најновите изданија во едицијата е „Приказната за Хонг Гилдонг", веројатно најважното дело на предмодерната корејска фикција. Се смета дека е напишано на крајот на 16 и почетокот на 17 век, од за тоа време радикален интелектуалец по име Хео Гун, чиј сон било Кореја да стане правично општество во кое ќе нема хиерархија. Тоа е истовремено и еден од првите романи напишани на хангул, корејската азбука.
Приказната е бајковидна и е многу пати обработена за филм, телевизија и стрип. Министер во владата по име Хонг дремнува едно попладне и сонува син змеј, кој според соновникот на корејската култура означува голема среќа и богатство. Тој се буди, и целиот во еуфорија сака да води љубов со неговата жена. Шокирана од предлогот за секс сред бел ден таа го одбива. Но по неа во собата влегува 19-годишна слугинка. Девет месеци подоцна таа раѓа дете со лице со боја на снег, за кое уште од тогаш се знаело дека ќе биде херој.
(првите страници од оригиналниот ракопис)
Но, откако Гилдонг сфаќа дека како вонбрачно дете никогаш не може на „нормален" начин да стигне до висока општествена позиција, тој почнува да усовршува различни вештини, меѓу кои астрологија и магија за невидливост и метаморфоза, и да ги користи не само за сопствено напредување туку и за доброто на сите онеправдани во кралството. Формира дружина со која им ги одзема вредните предмети на богатите и им ги дели на сиромашните. На крајот, оваа азијска верзија на Робин Худ успева, додуша вон Кореја, да изгради утописки идеална држава, каде сите се еднакви.
Полу-сказна, полу-протестен роман, „Приказната за Хонг Гилдонг" има универзална вредност препознатлива на сите меридијани. Само некако не можеме да се сетиме - има ли кај Цепенков и воопшто во македонскиот фолклор наша верзија на Робин Худ?