Ма каков Тиндер!

Приказната за единственото дрво-стројник

Сторија во која се преплетуваат легенди, фолклор, политика и лични животни судбини. Како онаа на еден даб и еден поштар, кој дваесет години кај дрвото оставал пораки од осамени срца, за кои тој станал главен стројник.

Цели дваесет години, секое утро, Карл-Хајнц Мартенс го возел своето жолто поштенско камионче низ тесните улици на Еутин, град околу мал замок во северна Германија, близу Балтичкото море. На својата рута, Мартенс минувал километри низ фарми и полиња пред да исчезне во длабока, магична шума, каде отворал порта со посебен клуч. Нoсејќи ја својата полна поштенска торба, токму пред часовникот да покаже 12, пристигнувал пред огромен даб.

Луѓето ја памтеле неговата маршута и го чекале затоа што не можеле да поверуваат дека поштар би му носел писма на дрво, изјавил сега пензионираниот Мартенс, кого го нарекуваат „курирот на љубовта“. Браутигамсајхе, или „Дабот на младоженците“, е единственото дрво во Европа со своја поштенска адреса. Секој ден 500 години старото растение добива десетици пораки од осамени срца, а има и такви кои доаѓаат на лице место од далеку, за да остават или да земат порака оставена во мало „јазолче“ во дрвото, надевајќи се дека тоа ќе им овозможи да најдат партнер. Сето тоа затоа што се верува дека дрвото поседува магични стројнички моќи.

Легендата вели дека дрвото и поштарот се заеднички заслужни за повеќе од сто бракови. Вториов долго време не верувал во ваквите приказни, додека и самиот не доживеал среќен крај, како во бајка.

Во 1984, кога Мартенс почнал да работи, Берлинскиот ѕид стоел помеѓу Западна Германија (каде расте спомнатиот даб), одделувајќи ја од комунистичкиот исток. И приватниот живот на поштарот бил поделен, бидејќи кога неговиот брак пропаднал и тој се нашол осамен, само повремено гледајќи го неговиот тогаш 12-годишен син. Му било преку глава од жени и се заколнал дека веќе нема да се занимава со оваа тема. Плус, го заморувале туристите што го начекувале на неговата рута, мислејќи дека дабот му е негова единствена постојка, и му правеле муабет додека тој всушност истиот ден морал да помине многу голема километража.

Но неговите надредени од Дојче Бундеспост му дале изрична должност да ги образува туристите во однос на германскиот фолклор. „Еднаш одамна живеел некој син на принц. Бил оставен сам во шумата и никој не се грижел за него додека една убава девојка не го спасила. Од благодарност тој посадил дрво. Од тоа семе изразнал огромен даб“, гласела скратената приказна.

Иако, таа има и други верзии. Според една од нив, во 1890 чоколатџија од Лајпциг се вљубил во ќерката на шумарот, но нејзиниот татко ја забранил врската. Така, љубовниците биле приморани да си оставаат писма во дрвото. Подоцна таткото попуштил, а свадбата се случила токму под гранките на дабот.

До кај 1927 легендата веќе била толку раширена, што дрвото добивало повеќе пошта отколку што можела да собере неговата сенка. Дојче Бундеспост дури поставила и висока скала да поштенското сандаче за да им помогне на луѓето да го отворат, да ги читаат и да одговорат на љубовните писма доколку испраќачите оставиле и повратна адреса. Единственото правило било дека ако не одговориш на некое писмо, не смееш да го фрлаш, туку треба да го вратиш на местото за некој друг да може да го прочита. Исто така, се верува дека ако девојка сврти три пати околу дрвото на полна месечина додека мисли на љубениот, ќе се земе со него најдоцна за една година.

Мартенс редовно ја кажувал приказната, но кога не бил расположен или кога доцнел со себе носел и флаери за делење. Медиумите наскоро дознале за целата работа и почнале да му доаѓаат со камери. Тој не ги одбивал, бидејќи по природа бил муабетчија, нешто што според него го наследил од мајка му, Французинка.

Ивет, како што се викала, како тинејџерка во текот на Втората светска војна ги минувала деновите во пералната на родителите во Франција, каде ги чистела и пеглала униформите на германската армија. Еден ден му фатила око на некој офицер, со кого на 17 години го добила Мартинс. Го крстиле Карл Хајнц според таткото, падобранец, кој исчезнал во битка.

Но по некое време тој чудесно искрснал, во воена болница во Италија. Бил префрлен во својот роден град, Фленсбург, каде се опоравувал од раните. Ивет го донела Мартенс во Германија како дете за да се види со татко му, но се вратила дома без него. Го оставила синот со таткото и подоцна со маќеата, а Мартенс сфатил дека таа не е негова вистинска мајка дури кога наполнил 12 години.

Бидејќи татко му работел во пошта, во 1961 и тој почнал да помага во сортирање на писмата и враќање на загубените на нивните испраќачи. Еден ден помеѓу писмата наишол на такво адресирано до него, а напишано од мајка му. Прв пат по многу години се сретнал со неа на германско-француската граница и од тогаш се гледале неколку пати годишно. Се оженил, добил син, се развел, а кога наполнил 38 почнал да доставува пошта до Дабот на младоженците. Патот не бил лесен и многумина се откажале од задачата пред него. Но Мартенс имал железна дисциплина.

Успешните приказни кои ги слушал за луѓе кои се зеле преку писмата малку го омекнале неговиот став кон жените, но сепак не можел да најде ниту една соодветна наоколу. До моментот кога забележал дека едно од писмата кои требало да ги остави во дабот е адресирано токму до него.

Испраќачот била Рената Хајнц, производителка на вино во свои доцни 50-ти. Била разведена, со возрасен син, а за Карл-Хајнц дознала од телевизија. Бидејќи тој во интервјуто изјавил дека е самец, решила да го контактира. Иако никогаш не го направила тоа претходно, му напишала многу отворена писмо кое се сведувало на „Сакам да те запознаам“. Кога тој забележал дека е испратено од Саабрукен, близу француската граница, тоа некако му се видело симболично. Винаријата веројатно била плус. Како и да е, по неколку години контактирање, патување и големи сметки за телефон, тие се зеле. Пријателите не сакале да чујат за ниту едно друго место за журка освен под дрвото. Локалниот весник ја нарекол „свадба на годината“.

Мартенс и денес наминува крај дабот. Тој тврди дека интернет дејтингот со сите свои прашалници и алгоритми не може да се натпреварува со она клучното што ги местело работите околу дрвото. А тоа според него е - судбината.

извор

19 јуни 2019 - 21:19