Нова книга

Приказната за Борис Иофан, архитектот на Сталин

Преживеал војни и погроми, а притоа помогнал да се дефинира грандиозниот стил на советските згради. Дали Борис Иофан бил десна рака на пропагандата или жртва на околностите? Нова книга се обидува да одговори на ова прашање.

Дејан Суџиќ е британски автор, кој специјализира на полето на дизајнот и архитектурата. Неговите родители биле имигранти од Југославија, а тој по дипломирањето архитектура работел како критичар за The Observer, бил декан на Факултетот за уметност, дизајн и архитектура на Универзитетот Кингстон, директор на Венецијанското биенале на архитектура во 2002, а основал и свое месечно архитектонско списание „Блупринт“. Сега е актуелен со нова книга, посветена на Борис Иофан, познатиот (за некого озлогласен) архитект на Сталин. 

Во март 1976, еден доктор кој бил на посета во санаториумот Барвика близу Москва, помеѓу пациентите го забележал некогаш славниот архитект како лежи без свест во својата фотеља. Во рацете држел цртеж на огромната, 24,5 метри висока скулптура „Работник и колхозница“ на Вера Мукина направена од челик за Светскиот саем во Париз од 1937. Таа стоела на врвот на неговото најпознато дело - советскиот павиљон за саемот. 

Било необично што Иофан е се уште жив. Роден во еврејско семејство во Одеса во 1891, тој преживеал погроми, револуции, светски војни и времиња на глад и голема беда. Како архитект на Сталин, минал многу години во близина на суровиот и каприциозен диктатор. Оние околу него - пријатели, колеги, исто како и тој членови на Еврејскиот антифашистички комитет - биле убивани, понекогаш после долго измачување. Иофан не само што преживеал, туку создал некои од најзначајните архитектонски дизајни на 20 век. 

Тој е главниот лик на новата книга на Суџиќ, „Сталиновиот архитект“. Авторот долго време бил фасциниран од биографијата на Иофан, но и од начинот на кој тој планирал и градел. Истовремено, се опишуваат и други необични ликови кои гравитирале во овој круг, како неговиот најголем конкурент, Каро Албјан, и Ханс Мејер, кој продолжил да го слави советскиот систем дури и кога тој ја убил мајката на неговиот син и го испратил момчето во логор.

Во центарот на книгата е сагата за Палатата на Советите, облакодер на чиј врв стои огромна статуа на Ленин, план кој никогаш не се остварил. Неговата цел била прослава на болшевичката револуција со спојување на изгледот на Емпајр стејт билдинг и Статуата на слободата. Објектот требало да биде административен центар и конгресна сала. На конкурсот, кој траел од 1931-1933, победил проектот на еврејско-советскиот архитект Иофан, со неокласичен концепт, кој доколку бил изграден би бил највисоката зграда на светот во тој момент. Градежните работи започнале во 1937, но биле прекинати од германската инвазија. 

Она што сепак било изградено е спомнатиот павиљон во Париз, со мажот и жената кои креваат срп и чекан кон небото. Тој бил сместен на широка авенија која гледала кон Ајфеловата кула, директно спроти павиљонот на Алберт Шпер за нацистичка Германија. Од денешен аспект ваквата конфронтација симболизира судир на два тоталитарни режима, но и нивна блискост, рефлектирана и преку сличностите на двата архитектонски, класични стилови. 

Многумина од оние кои работеле со Иофан на парискиот павиљон биле веќе убиени во времето кога тој изградил уште еден во Њујорк, две години подоцна. Но тој некако останал жив и ангажиран, и покрај провокативната склоност кон фенси одела и скапи автомобили. Во 1940-тите почнува неговиот пад како резултат на Сталиновите антисемитски кампањи против „космополитизмот“. Продолжил да работи и во текот на 1960-тите но на многу понегламурозни проекти. Умрел неколку денови по спомнатата епизода, кога докторот случајно наишол на него во санаториумот. Интересно е што и зградата каде што умрел била негово дело. 

Оние кои го познавале го опишувале како шармантен, љубезен и „способен да прави компромиси“, што е можеби друг збор за „лукав“. Тие компромиси наводно ги правел за да може да работи и да ја реализира својата визија. Денес ова можеме да го толкуваме како сооучесништво во големи злодела, но не можеме да му го одречеме талентот. Суџиќ бира да не го осуди, туку да ни ги претстави фактите, колку што е можно пообјективно.  

19 април 2022 - 07:43