Материјализирани изреки, стилски фигури и поговорки

Предмети кои потсетуваат дека не ви се потребни+апдејт

Елиот Спелман на Кикстартер се обидува да потегне производство на многу интересни не-производи - буквални репрезентации на идиоми, стилски фигури и поговорки. Пример? Камен, хартија, ножички. Дрвја кои кога паѓаат во шума нема кој да ги чуе. Сендвич со сè. Предлог за наши дизајнери да пробаат со материјализирање на локални концепти како „промаја“ или етички дилеми познати како „змија/магаре“. 

Проектот се вика RoShamBusiness, а целта е преточување на зборови и реченици во предмети за широка потрошувачка. На тој начин буквално се материјализираат идеи кои претходно постоеле само како - идеи. Тотално ненеопходни за секојдневен живот, тие според Спелман се наменети главно за моци и девојки меѓу 20-30 годишна возраст, кои сакаат „финти" и имаат низок праг на толеранција на „корпоративни срања".

Со такви срања на секојдневна основа се бави и самиот Спелман, со оглед на тоа што иако дипломирал англиски во 2011, сепак работи во маркетинг агенција и смислува начини како да продаде предмети кои често немаат голема практична вредност. Идејата за дизајнирање непотребни нешта започнала како шала, но набргу почнала да станува сериозна, особоено по идејата за „сендвич со сè'", за чие остварување било потребно парчиња леб да бидат однесени (и вратени) од две спротивни страни на светот (во случајов Шпанија и Нов Зеланд), авантура детално опишана тука.


(Коцка од дрво, парафраза на „Каков звук прави дрвото кое паѓа во шума, ако нема кој да го чуе?“. QR кодот го дава звукот на дрвото)

Сепак не е јасно дали овој проект отсликува морален став кон конзумеризмот, или пак се обидува на малку полукав начин повторно да продава непотребни нешта на интелектуално поткованите, кои се подготвени да платат дури и за иронија. Но Спелман е категоричен, дека за него идеите се повредни од производи, а дека ова е само начин за нивна промоција. 

Апдејт: еве го тоа што го баравме (од Skopje Design Week 2014)

25 септември 2014 - 14:35