Денес ова е незамисливо - ај што нè мрзи да пишуваме на рака, па што очекуваме пораката да стигне во истата секунда кога е испратена, кога би требало и вака пипаво да ги пресвиткуваме тогаш или би се откажале од преписката или навистина би внимавале она што го испраќаме да е релевантно и убаво срочено.
Изборот на мастило, коверт, перо или пенкало, изработката на печати - сето ова им било на списокот на обврски на оние кои во минатото сакале преку писма да комуницираат со своите сакани и несакани. Самата форма кажувала многу за испраќачот, за неговиот општествен статус и софистицираност. Ова добро го знае Џана Дамброџио, конзерватор во библиотеките на MIT, која го проучува „заклучувањето писма“ со сите различни системи на пресвиткувања, пресеци и восочно запечатување. Тие ја заштитувале пишуваната комуникација пред пронаоѓањето на масовно произведуваниот коверт.
Еден од историски најинтересните техники е онаа која го употребила Мери, кралицата на Шкотите во последното писмо до својот девер, кралот Анри Трети од Франција. Иако напишано пред нејзиното погубување, во два наутро на 8 февруари 1587, кога само може да замислиме во каков стрес се наоѓала, таа успеала да го пресвитка со неверојатна прецизност, користејќи тн. „пеперутка“ стил на заклучување. Еве го претставено во ова видео:
Мери не е единствената историска личност која ги заклучувала своите писма. Слично правеле Галилео, Макијавели, Марија Антоанета или уметникот Албрехт Дирер. Најамбициозните користеле тн. „нож-стапица“ (фото), комплицирана техника која е камуфлирана во друг, помалку безбеден тип на брава.
Секако, ваквата практика во западниот свет била овозможена од ширењето на флексибилна хартија која може да се превиткува во 13 век. Но таа спаѓа и во 10.000 години старата историја на безбедност на документите, која ги опфаќа и денешните пасворди и автентикации од два чекори. Ако има некоја поука од сето ова е дека за да се обезбеди приватност треба да се вложи и малку труд - во случајов да се сецка, лепи, превиткува - а притоа да не ти се тресат рацете, макар и да го правиш сето ова пред сопствената егзекуција.