Иницијативата под име The Pack Horse Library, која испраќала библиотекари длабоко во Апалачките планини, била еден од најкреативните во рамки на „Њу дил“ - збир федерални програми воспоставени во 1933 од Рузвелт како одговор на Големата депресија, кои траеле до влегувањето на Америка во Втората светска војна. Проектот подразбирал дистрибуирање материјал за читање до луѓе кои живееле во најзабаталениот дел од источен Кентаки, каде не само што немало струја и патишта, туку состојбата со храна и образование била уште полоша отколку во другите делови на САД во тој период.
Во 1930 во спомнатиот регион 31% од луѓето не знаеле да читаат, но биле подготвени да научат за да се вклучат во ветениот економски напредок. Акции за носење книги до нив имало и претходно - во 1913 извесна Меј Стафорд успеала да организира ваква „библиотека на коњ“, но таа траела само една година. Библиотеката Пек хорс од друга страна подразбирала соработка со локалците и стационирање на библиотека во цркви и пошти, од каде поставените библиотекари (најчесто жени) испраќале курири на мазги или коњи во планините, или пак самите се одлучувале да тргнат на пат. Тие си ја разбирале задачата многу сериозно, минувајќи замрзнати реки среде зима и дистанци од 200 километри неделно.
Една од нив, Нан Милан, која пренесувала книги од интернат за планински деца во радиус од 12 километри до селата, се шалела дека коњите кои таа ги јавала имале пократки нозе на едната страна, за да не се излизгаат на стрмните планински патчиња. Името на еден од нив било „Сончевиот Џим“, а тој, како и повеќето други бил изнајмен од локалното население, кое на овој начин можело да заработи и по 28 долари месечно (околу 500 денешни долари).
Книгите кои ги разнесувале биле донации собирани од сите страни на Америка. Кога почнувале да се кинат, библиотекарите ги комбинирале текстовите во нив, правејќи една од повеќе распарталени книги. Особено биле популарни книгите со рецепти и шеми за плетење.
Во 1936 библиотекарите на коњ имале услужено со книги 50.000 семејства и 155 јавни училишта. Од авторите најпопуларен бил Марк Твен, а од романите „Робинзон Крусо“. Бидејќи голем број од возрасните не знаеле да читаат се барале и книги со голем број илустрации. Проектот завршил во 1943, кога заради војната Рузвелт имал други приоритети. Но во 1946 тој на некој начин продолжил, овој пат со моторизирани „букмобили“ кои постојат и денес. Во 2014 јавните библиотеки на Кентаки имале 75 од нив, најмногу од целата земја.