Франклин Рузвелт
Како и со сите американски претседатели, и биографијата на Рузвелт била тема на детално проучување. Но дел од неговиот приватен живот, оној кој се однесувал на неговите 20-ти, долго време бил мистерија, со оглед на тоа што неговиот приватен дневник од тоа време бил кодиран.
Доктор Нона Ферднон го открила кодираниот дневник во 1970 и - веројатно спротивно на желбата на некогашниот претседател - го споделила со неколкумина криптографи. Кодот релативно лесно бил пробиен со оглед на тоа што Рузвелт само заменувал одредени букви со други. Декрипцијата на содржината била потврдена во јануари 1972, откривајќи различни детали во врска со животот и љубовните интереси на Рузвелт.
Чарлс Весли
Весли (1707-1788) бил англиски методист, најпознат по илјадниците верски химни кои ги напишал. Сепак, тој бил автор на уште едно дело, со над 1000 страници во ракопис: неговиот дневник, кој бил напишан на таен код, а кој за разлика од оној на Рузвелт останал непробиен цели 270 години.
Она што во случајот било тајно и интимно е врската на Чарлс со неговиот брат, вклучувајќи ги и нивните верски недоразбирања. Чарлс исто така му бил гневен на Џон затоа што не го испочитувал нивниот договор, а тоа било ниту еден од нив да не се ожени. Кодираните дневници изгледа биле вообичаени во семејството Весли, бидејќи и Џон водел ист таков.
Лудвиг Витгенштајн
Познатиот филозоф, кој целиот живот се занимавал со природата на јазикот и неговата врска со познанието, самиот создал свој таинствен код и со него водел дневник додека служел во австриската армија во Првата светска војна. Тој почнал да го користи кодот во август 1914 за да ги спречи другите војници да му ги читаат интимните записи. Во текот на 1960-тите, дневникот бил дешифриран од страна на двајца истражувачи, кои сфатиле дека Витгенштајн ги испомешал буквите од азбуката за да го создаде кодот (слика горе).
Oлга Романов
Најстарата ќерка на последниот руски цар, Николај Втори, почнала да пишува дневник во 1905 и го правела тоа во тек на повеќе од една деценија. Како млада девојка, таа барала начини да си ги заштити најинтимните мисли, користејќи кодирани зборови за мажите кон кои имала симпатии. Ова особено се однесува на нејзините чувства кон Павел Воронов, човек во кого се заљубила и со кого сонувала да се омажи, но кој наместо тоа се верил со друга.
Романова престанала да го пишува својот дневник кога татко ѝ бил принуден да абдицира во 1917. Следната година таа и остатокот од нејзиното семејство биле убиени. По нејзината срмт дневниците биле откриени и сочувани. Истражувачка по име Марија Земљаниченко ги забележала иницијалите и кодовите кои означувале различни луѓе и успеала да го открие идентитетот на повеќето од нив. Дневникот подоцна е преведен на англиски и објавен во 2013.