Доларот е меѓу најмоќните светски симболи, кои го надминуваат значењето на американската валута. Тој истовремено го означува американскиот сон, масовната потрошувачка, трулиот капитализам. Користен е од музичари кои го вградуваат и во своите имиња (Ke$ha), од сликари (Енди Ворхол, чија слика на долари се продава за $$$), масовно се користи во компјутерското кодирање, а е вграден и во емоџи опседнато со зелени шушки.
Едно од популарните, но погрешни верувања, е дека знакот за долар e комбинација на S со U, и ги претставува Соединетите држави. Барем така мислела Ејн Ранд, која во поглавје од нејзината книга од 1957, „Згрбавениот Атлас“, во име на еден од ликовите, вели: „Доларот означува достигнување, успех, способност, креативна моќ - и токму затоа е користен како бренд на озлогласеност. Тој ги претставува иницијалите на Соединетите држави (US)"
Сепак, Ранд не е во право, особено затоа што до 1776 САД биле познати како Обединети колонии на Америка (и немале акроним US), а постојат податоци дека знакот на доларот бил користен пред раѓањето на Соединетите држави.
Во 1520, кралството Бохемија (денешна Чешка) почнало да изработува монети користејќи сребро од рудник во Јакимштал, или „Долината на Јоаким“. Логично, монетата била наречена јоакимшталер, или скратено талир, збор што почнал да се шири низ светот. Следела холандска варијанта, далер, која го преминала Атлантикот во џебовите и во јазикот на раните имигранти, создавајќи го денешниот долар.
Сепак, нема сигурен одговор на прашањето од каде потекнува знакот. Некои велат дека U и S означуваат units of silver (единици сребро). Други го поврзуваат со талирот, на кого бил изгравиран христијански крст обвиткан со змија - асоцијација на приказната за Мојсеј кој носел стап обвиткан со змија со кој лечел. Трети пак во знакот ги гледаат Столбовите на Херкул, израз на древните Грци со кој тие ги опишувале „портите“ на влезот на Гибралтар. Тие се наоѓале и на шпанскиот официјален грб, а во текот на 18 и 19 век ги имало и на шпанскиот долар, познат и како пезос. Околу столбовите на пезосот се обвиткани написи во форма на S, па не е потребно многу фантазија за да се забележи сличноста помеѓу овие два знака.
Пезосот во 19 век бил и законска валута во САД, со оглед на трговијата помеѓу шпанските колонии и Америка, во која шпанскиот бил изедначен со вредноста на американскиот долар. Сепак, „стопувањето“ на P и Ѕ во пезосот резултирале со знак со една цртка, а на U со Ѕ, со две цртки, со што овие два симбола можеле да се разликуваат.
Што се однесува до првиот печатен знак за долар, тој е направен на печатарска машина од Филаделфија во 1790 и е дело на еден Шкотланѓанец по име Арчибалд Бини, познат како создавач на фонтот Монтичело. Тој веројатно не можел да претпостави дека знакот денес ќе се користи и како симбол на алчност или прекумерно богатство, како на пример во "Micro$oft".