Напишал 26 романи, некои оригинално на српски, некои на германски. Три збирки раскази, три книги поезија, драми, книги за деца, мемоари, есеи. На германски ги превел Киш и Албахари, од германски Брехт, Грас, Енценсбергер, Јасперс.
Иван Ивањи, кој почина на 9 мај во својата 96-та година, само неколку дена пред својата смрт гостуваше во емисијата „360 степени“ на српската телевизија Н1. Во само половина час се распостила една цела филмска биографија, која почнува во 1929 со идиличното детство во Велики Бечкерек (денешен Зрењанин) во лекарско семејство, а која заврши на Денот на победата над фашизмот во Вајмар. Како бивш логораш на Бухенвалд тој таму бил повикан да отвори нов Музеј на принудната работа, а отседнал како и секогаш при своите чести посети во омилениот хотел на Хитлер, „Елефант“.
Татко му и мајка му биле убиени на почетокот на Втората светска војна. Самиот Иван го апсат во Нови Сад во март 1944 и е транспортиран во Аушвиц а потоа во Бухенвалд. Тогаш имал 15 години. Во своето последно интервју тој уште еднаш се присеќава на околностите и како успевал да се снајде, пријавувајќи се самиот за присилна работа (знаејќи дека така би добивал подобра храна и би имал поголеми шанси да преживее), а и на тоа како му помогнале од писарницата на логорот што ја воделе заробени комунисти кои тајно ги менувале бројчињата на оние кои требало да бидат погубени или преместени во корист на своите другари и на помладите затвореници.
Eден од многуте интересни детали е што во текот на престојот во логорот Ивањи се запознал и спријателил со Х. Г. Адлер, чешко-германски писател, со кого го дочекале и последниот ден од своето заточеништво. Како во филм, вели Ивањи во видеото, американските војници влегле во логорот, но грубо ги одбивале затворениците што сакале да им пристапат и да ги прегрнат од благодарност за да не им пренесат - вошки.
Уште неколку поенти од разговорот со овој прекрасно бистар ум, на кого младиот водител за жал не му е ни до колена, па прашањата се малку „ботовски“. Од друга страна, убаво е да се види таа средба на искуството и младоста, во која втората не може а да не биде импресионирана.
- Како прв пат се сретнал со Тито кој во воведот си зборувал германски со австрискиот канцелар, а по официјалниот почеток му се заканил на Ивањи дека „ќе му го контролира преводот“;
- Дека се дружел со постариот брат на Слободан Милошевиќ, исто така преведувач од руски, и дека Слоба го викале „Дуче“ бидејќи уште тогаш покажувал диктаторски тенденции;
- Како мирниот Иво Андриќ знаел неочекувано да спушти некому што го изнервирал;
- За новата книга која му е пред печат а во која ќе можат да се препознаат НЕГОВИТЕ ВРСНИЦИ;
- Дека познатата фирма Југоекспорт за облека всушност била параван за трговија со оружје;
- За важноста на тоа да се полни Википедија со податоци за заслужни поединци кои инаку историјата лесно може да ги заборави (да, човекот на 96 години е свесен за ова!!).
Нека му е лесна земја. Не ги прават веќе вакви.
Види претходно: Најдобриот лош говорник на светот