Том Перски е самопрогласен „последен преживеан во бизнисот со флопи дискови“. Тој е основач на floppydisk.com, американска компанија посветена на продажба и рециклирање на оние сега веќе прастари дискови кои подоцна беа заменети со ЦД-иња, а сега со УСБ, надворешни хард-дискови и слично. Освен што врши услуги на префрлување на податоци од нив на други носачи, како и рециклирање на поголеми количини ако некој сака да се отараси од нив, тој истовремено ги продава на уметници кои сакаат да ги искористат за свои проекти низ светот.
Нова книга под наслов „Треската по флопи дискови: необичниот задгробен живот на еден флексибилен медиум“, вклучува разговори со Том за моменталната состојба на индустријата со флопи дискови и предизвиците кои се појавуваат кога е во прашање водење ваков бизнис во 2020-тите.
Доменот Том го купил по наговор на сопругата, која „излегла попаметна од него“ кога го советувала да вложи 1100 долари во нешто што набргу само навидум изгледало како бизнис во залез. Во тоа време Том само преснимувал податоци и правел копии од флопи, но не продавал празни. Во моментот кога големите компании престанале да ги произведуваат, настапиле неговите пет минути. Сега неговиот бизнис кој порано бил 90% ЦД-иња и ДВД-иња е 90% продавање флопи дискови. Тој е дури и самиот шокиран од тоа што му се случува.
Најмногу се бара стандардниот 3.5 инчен диск од 1.44 МВ, но највредни во моментов се оние од 720КБ со двојна густина. Тој продава и специјализирани 8 инчни дискови, за кои има многу мала побарувачка, но за кои смета дека се „апсолутно незаменливи“.
Последен пат тој купил дискови од производител пред 10-12 години. Тогаш одлучил да складира огромно количество, неколку милиони дискови (?!) и од тогаш живее од таа набавка. Но понекогаш има среќа. Пред две години некој го повикал и му рекол дека дедо му има куп флопи дискови во гаражата, замолувајќи ги да ги земе за фер сума. Така добил 50.000 дискови, а човекот добил празна и употреблива гаража. Понекогаш некоја компанија расчистува магацин и притоа се наоѓаат забутани цели палети со флопи дискови. Кога пребаруваат кому би му ги дале, сајтот на Том искрснува како прв и единствен.
Тој очекува дека би се занимавал со бизнисот уште барем неколку години, иако побарувачка може да има и после тоа. Неодамна добил барање од Холандија за половина милион флопи дискови и морал да ги одбие бидејќи едноставно немал толку. Плус, сака да биде фер кон постојаните муштерии кои му помогнале да го изгради она што денес го има, да ги плати вработените и хипотеките. Истовремено, тој не знае точно колку му вреди она што го има складирано, затоа што тој дисковите ги купил за 8-12 центи. Но тоа било цел контејнер, додека денес нивната вредност може да достигне 1 долар, а за оној од 720КБ дури и два долари. Најголемите потрошувачи денес му се големи индустриски корисници кои ги користат дисковите како начин да внесат и изнесат податоци од машини направени пред 50 години. Таква е состојбата особено во авионската индустрија - веројатно половина од аерофлотата во светот денес е стара повеќе од 20 години и се уште користи флопи дискови, а истото важи и за медицинската опрема. Интересно, но еден од најголемите муштерии на Том е индустријата за везење, во која илјадници машини се уште користат флопи.
За Том флопи дискот е високо рафиниран, технички стабилен и тежок за хакирање - „убав и елегантен“, како скапоцен часовник. Необичен опис на нешто на кое гледа(в)ме како на парче пластика.