Подарување: добра мисла или желба за моќ?

Едни велат дека празниците се убав повод за макар и мало внимание кон блиските. Други ја одбегнуваат оваа пасивно-агресивно наметната обврска клеветејќи го конзумеризмот, но и манипулативната страна на подарувањето. Има ли великодушноста и мрачна страна? И ако да, тогаш како да подаруваш несебично?

За етнолозите и антрополозите подарувањето е еден од најинтересните аспекти на човечките култури, бидејќи има врска со сè, од обреди и празнувања, економија, до хиерархија и социјални односи. Класично дело во оваа смисла е она на Марсел Мос од 1925, „Есеј за подарокот: формата и причината за размена во архаичните општества“, прв пат преведена на англиски во 1954. Според неговите истражувања во северо-западниот Пацифик, дарувањето игра централна улога во системите на размена, кои подразбираат обврска да се прими подарок, и реципроцитетно да се возврати. Особено му била интересна практиката на потлач, празнување за време на кое поимотните во племето раздаваат храна и секаков имот, со што го зацврстуваат својот социјален статус, но и го редистрибуираат богатството, за ниту еден член да нема премногу во однос на останатите.

Ваквите практики на ниво на групи се битен елемент во воспоставувањето сојузништва и солидарност. Истовремено, неговото дело е критика на тогаш модерните европски либерални идеологии на „секој за себе“, кои биле, и се уште се, искривоколчувања на човечките практики на размена. Oттаму, тој заклучува дека програмите за социјална помош би можеле да бидат успешни само доколку оживеат аспекти на моралноста на подарувањето во рамки на модерните пазарни економии.

Но и дарувањето може да има мрачна страна. Во „Битие и ништожност“ Жан-Пол Сартр го користи потлачот како пример за тоа дека суштината на дарувањето не е великодушност, туку, напротив, егоцентричност и желба за контрола. Пријателката ти подарила грд дезодоранс, и ти се чувствуваш обврзана да го прскаш секогаш кога ќе се видите. Некој ти купил тотално бескорисен предмет за во кујна кој ти се метка низ фиоки, ама ти е незгодно да го фрлиш, за да не стане тема за разговор при некоја следна посета. Според Сартр посесивноста во ваквите случаи се искажува двојно: прво, подарениот предмет всушност е сопственост на дарителот, токму затоа што тој бил во состојба да даде (значи претходно го имал), и второ, се отсликува во обврската која ја подразбира сега веќе подарениот предмет да се чува и да се презентира на начин кој ќе направи дарителот да се чувствува добро.

Сартр од своја страна раздавал толку многу пари што морал да си го пребарува станот за ситно за кафе. Сепак, ова не го сметал за доблест. Раздавал затоа што не сакал да биде роб на предмети. Не поседувал стан во Париз и не му било гајле за добрите пари кои ги подразбирала Нобеловата, кога одбил да го прими ова високо признание.

Моделирањето на нашиот однос кон подароците е чувствително прашање, затоа што подразбира можно повредување на другите, оние кои можеби најискрено сакаат да нè израдуваат со подарок. Но некои долгорочни стратегии можат да помогнат. Прво, со одбивање на обврска да користиме со сила предмети кои не ни се допаѓаат или не ни требаат. По истекот на некое време можеме да ги раздадеме некому кому му се попотребни и најотворено да го известиме дарителот за тоа. Исто така, кога ние подаруваме, да се заинтересираме што би му било корисно или мило на оној кому му подаруваме, а не да купуваме „генерички“ подароци само колку да се рече.

Но и излегувањето од менталната кутија на размислување за подароците како за материјални нешта е уште поефикасно решение. Што е со пакет внимание? Или вреќа дружба? Некој кој може да се расфрла со вакви подароци, да направи потлач на кој раскалашно ќе им додели на блиските и разбирање, и утеха и внимание е вистинскиот цар на дарувањето. Еве еден купон кој може да ви послужи не само за овие празници, туку и воопшто. Имате ли, за да дадете?

Претходно: Зошто кешот е најлошиот подарок?

26 декември 2017 - 09:16