Јирген Бос (Juergen Boos) е директор на Франкфуртскиот саем на книгата. Тој во интервју за Дојче Веле открива како ќе биде организиран саемот кој почнува денес, 14.10, а кој и за македонските издавачи е голем годишен настан. Тој ќе се одржи во Франфкуртската Фестхале, но самите павиљони ќе останат празни. Наместо саемски активности кои знаат да создадат големи гужви во затворен простор, фокусот ќе биде ставен на настани во градот. На официјалниот сајт на саемот ќе се одвива дигиталниот дел, а воспоставен е и виртуелен центар за известување.
Најголем предизвик во моментот е виртуелната интеракција со публиката и економските трансакции. Но и покрај сите потенцијални проблеми, Франкфурт сепак успева да се одржи, за разлика од Лајпциг, Болоња и Лондон. Саемот на книга во Пекинг, кој беше меѓународен, оваа година се одржа само локално и виртуелно.
Минатата, 2019 година, Франкфуртскиот саем постигна рекорд од 7500 изложувачи. Исто така беа големи бројките на посетители, кои сега ќе мора да бидат редуцирани.
Германската книжевна награда секогаш се доделува на отварањето на саемот, а овој пат церемонијата ќе се одвива дигитално. Престижното признание оваа година го доби Ан Вебер за книгата „Анет, епска хероина“, биографија на Ан Боманоа, родена 1923 во Бретања, членка на комунистичкиот отпор и неврофизиолог во Марсеј по војната. Била осудена на 10 години затвор во 1959 поради нејзината активност во алжирското движење за независност. Во конкуренција за наградата оваа година влегоа рекордни 206 книги, меѓу кои и неколку големи германски имиња.