Во 1970, Џон Балдесари и петмина негови пријатели, во крематориум во Сан Диего ги изгореле сите слики кои тој ги создал помеѓу 1953 и 1966. Од нивната пепел направиле колачиња, кои биле ставени во урна, а инсталацијата која подоцна била изложена во МоМА се состоела и од бронзена комеморативна плакета со датумот на раѓање и уништување на сликите, како и од рецепт за правење на колачите.
Подоцна Балдесари изјавил дека тн. Кремациски проект требало да укаже на врската помеѓу уметничката практика и човечкиот животен циклус, но и на вртењето нов лист во неговиот израз - наместо сликање, комбинирање на текст, видео, фото колажи и скулптура. И на поодминати години не престануваше да истражува. На 86 го сврти своето внимание кон светот на емотиконите, печатејќи ги на големи платна и комбинирајќи ги со филмски цитати. Претходно пак имаше направено апликација, „Мртва природа“, која овозможуваше прераспределба на различни елементи (овошки, јастог, сребрен есцајг) од холандски слики од 17 век.
Долго време во младоста предавал уметност, вклучително и во камп за малолетни деликвенти. Ова искуство е иронично опишано во проект од 1972, во кој тој држи картички со букви пред незаинтересирано собно растение. Ироничноста и пародијата се дел и од други негови дела, како на пример „Уметникот удира разлини предмети со голф палка“ кое се состои од 30 фотографии на кои тој замавнува и удира (да, со голф палка) предмети најдени на ѓубриште. Самиот сметал дека сепак ќе биде најдобро запомнет како „човекот кој ставаше точки на човечките лица“, заради сликите на кои ликовите на луѓето се покриени со разнобојни округли налепници за цени.
Сепак, најдобар опис на неговиот лик и дело е ова видео (5:55) чиј наратор е блискиот пријател на Балдесари, Том Вејтс, затоа што има „прекрасен глас“.