Пол Ерлих, професор на Универзитетот Стенфорд, кој почина неодамна на 93 години (на фотографијата има 92 и зборува цел час на подкаст), беше познат по своите драматични предупредувања за растот на населението, гладот и можниот колапс на екосистемите. За некои тој беше визионер, а за други претеран песимист. Неговата книга „Популациската бомба“ од 1968 година стана светски бестселер и силно влијаеше врз еколошкото движење, но истовремено предизвика и жестоки реакции поради мрачните прогнози.
Во книгата се тврдеше дека растот на светското население ќе доведе до исцрпување на ресурсите, масовен глад и општествени кризи. Иако овие предвидувања не се остварија во таква форма, во тоа време тие изгледале веројатни, особено поради влијанието на постари теории како оние на Томас Малтус, кој уште во 18 век предупредувал дека населението расте побрзо од производството на храна.
Ерлих не бил типичен научник кој останува во лабораторија. Тој активно учествувал во јавни дебати, настапувал на телевизија и зборувал против штетни практики како употребата на пестицидите, прекумерната изградба и неконтролираниот раст на населението. Овој ангажман го направил еден од најпознатите научници во јавноста, но и цел на критики.
Во научните и политичките кругови се водела дебата за тоа што е главниот извор на еколошките проблеми. Ерлих сметал дека растот на населението и прекумерната потрошувачка се клучни фактори, додека други, како Бери Комонер, повеќе ја нагласувале улогата на технологијата. Ерлих и неговите соработници ја формулирале оваа сложеност преку равенката дека влијанието врз животната средина зависи од населението, богатството и технологијата.
Иако во 1970-тите растот на населението бил широко признаен како глобален проблем, подоцнежниот развој на земјоделството, особено Зелената револуција, значително го намалил ризикот од масовен глад. Ова довело до критики дека Ерлих претерал. Познат е и неговиот облог со економистот Џулијан Сајмон, кој верувал дека човечката иновација ќе ги надмине ограничувањата на ресурсите. Сајмон победил во облогот кога цените на одредени суровини опаднале наместо да пораснат (со хумористична анегдота за којашто претходно пишувавме тука).
Сепак, Ерлих останал на ставот дека неговите предупредувања не биле погрешни, туку прерано поставени. Тој тврдел дека проблемите само се одложени и дека климатските промени и загадувањето покажуваат дека човечкото влијание врз планетата станува сè потешко. Во своите подоцнежни години изразувал разочарување од тоа што научните сознанија тешко продираат во политичките одлуки и јавната свест. Сметал дека светот има потреба од научници кои не само што истражуваат, туку и активно учествуваат во јавните дебати.
Неговото наследство останува двосмислено: од една страна, некои од неговите предвидувања не се остварија, но од друга, тој помогнал да се отвори глобална дискусија за односот меѓу човекот и природата.