Во 1968 излегува книгата „Популациската бомба“ на биологот од Стенфорд, Пол Ерлих, и многу бргу станува бестселер. Централната идеја е дека прогресијата на растот на населението во блиска иднина ќе го надмине опсегот на ресурси на Земјата, па оттаму треба да се очекува глобална глад, војни за ресурси и генерална апокалипса на човештвото. Ерлих се појавил дури и во Tonight Show на Џони Карсон, каде изјавил:
„Денес во светот има 3.6 милијарда луѓе, а секоја година додаваме по уште 70 милиони. Тоа е многу. Планетата има многу деликатни системи за поддршка на животот, нештата кои ни обезедуваат храна, заедно со сиот наш кислород, сите начини на отстранување отпад, сето тоа е под голема закана“.
Иако тезата звучи интуитивно „логично“ (повеќе луѓе - помалку ресурси - тепачка за нив), што и довело до голема популарност и длабоко влијание на книгата во академските кругови, не сите се согласувале со неа. Еден од најголемите критичари бил економистот Џулијан Сајмон, тогаш професор на Универзитетот во Илиноис. Сајмон сметал дека „Популациска бомба“ не е ништо повеќе од слабо напишана спекулативна фикција, нарекувајќи го Ерлих „лажен пророк“. И покрај порастот на населението, човечката ингениозност постепено би го надоместила недостатокот на ресурси и би се прилагодила на ситуацијата. Ние не сме како другите животински видови - имаме економија и пазари. Ако на светот му треба повеќе нафта, цената ќе се качува и ќе се наметне мотив да се најде повеќе нафта или да се изнајдат алтернативни извори на енергија.
Обајцата уживале во провокативноста. Ерлих започнал движење наречено „Нула популациски раст“, а за да даде личен пример си направил дури и вазектомија. Предложил и данок на пелени за да се контролира бројот на населението.
Целата расправија се одвивала на страниците на списанието Social Science Quarterly, каде Сајмон го предизвикал Ерлих на облог од 1000 долари на тоа дека цената на сировините (како жито или нафта) нема да порасне до крајот на деценијата, односно до 1990. Сајмон му понудил на Ерлих да избере кој и да е материјал, и датум повеќе од една година подоцна, и ветил дека ќе му покаже дека цените, прилагодени на инфлацијата, се намалуваат а не се зголемуваат.
Ерлих одбрал пет метали меѓу кои бакарот и никелот, суштински за изработка на многу нешта, како автомобили, згради, електроника. Облогот е формализиран на 29 септември 1980, а крајниот датум, кога облогот требало да се реализира, бил 29 септември 1990.
Целата приказна е детално опишана во книга на историчар од Јеил, Пол Сабин, под наслов „Облогот“ (2014). Накратко, Ерлих една година подоцна бил приморан да ги плати 1000-те долари. Точно како што предвидел неговиот опонент, во ситуации кога цените на некои од овие материјали растеле или почнало да ги снемува, луѓето измислувале замени, на пример компаниите го напуштале алуминиумот и почнале да користат пластика. Ова секако долгорочно влијаело (и уште влијае) на животната околина, но тоа не било тема на облогот. Сепак, целата работа ја врамило идната дебата за еколошки прашања, при што доминираат две страни, една која предупредува на сигурна катастрофа, а друга која вели дека сè ќе биде во ред.
Најинтересното е што во октомври 1990, Сајмон меѓу својата пошта нашол мал коверт од Калифорнија. Внатре имало чек од Пол Ерлих, но не на 1000, туку на 576.07 долари. На овој начин тој индиректно и луцидно му се одмаздил. Ако цените навистина паѓаат, и човечката ингениозност е таа која ќе ја надомести разликата, тогаш ова бил неговиот прилог кон таквиот епилог.