Современик на Вергилиј и Хоратиј, Овидиј бил еден од тројцата „златни“ поети на римската книжевност. И покрај својата популарност, која главно ја должел на љубовните елегии, од сè уште мистериозни причини бил прогонет од Рим, во далечна провинција на Црното море, денешна Констанца во Романија, каде останал до смртта.
Помеѓу теориите за причините за прогонот е заговор против царот од страна на неговата внука Јулија и нејзиниот маж, за кој Овидиј веројатно бил свесен. Во прилог на ова оди фактот што Јулија била прогонета истовремено со Овидиј, а над нејзиниот маж е извршена смртна казна.
Поетот на бреговите на Црно море копнеел по својот стар крај и испраќал безброј молби до императорот да му биде дозволено да се врати во Рим. Две илјади години подоцна тоа конечно му успева - градот Рим и формално го укина егзилот на еден од своите најпознати поети. Иницијативата е на политичари од тн. „Движење на петте ѕвезди“, опозиционерска партија која во последните пет години го бранува италијанскиот политички пејзаж. Според нив ова е задоцнет, но значаен чекор во исправување на „сериозната грешка“ заради која настрадал Овидиј.
Ова не е прв пат современа Италија да издава помилување или извинување за славна историска личност. Минатата година гратче во Умбрија побара прошка заради тоа што учествувало во судењето и прогонот на славниот автор на „Божествената комедија“, Данте Алигиери, кој несакајќи се нашол на погрешната страна во острата борба помеѓу две сопернички семејства. Бил обвинет за злодела кои вклучувале измама и корупција, а кога не успеал да се одбрани бил осуден на горење на клада. Избегал од во 1302 и никогаш веќе не се вратил во Фиренца.
Смртната пресуда била потпишана од Канте Габриели, правник од Губио, спомнатото умбриско гратче, па оттаму и молбата за прошка седум века подоцна, откако Фиренца во 2008 исто така објави дека жали за тоа што се случило.