Писмото од затвор на 89-годишниот Бертранд Расел до сопругата

Расел бил во затвор? Ова беше нашата прва реакција на веста за дигитализацијата и објавувањето на неговата кореспонденција од зад решетки, каде завршил на два пати во својот живот.

На интелектуалците, затворските услови (освен во ситуации на крајна тортура) и не им доаѓаат лошо, во смисла на осама и можност да се предадат на читање и пишување. Еден од најпознатите примери за магнум опус завршен во затвор е оној на историчарот Фердинанд Бродел, кој во текот на Втората светска војна, во ќелија со уште седуммина затвореници и минимална литература успеал да ја напише двотомната „Медитеранот и медитеранскиот свет во епохата на (шпанскиот) Филип Втори“, интердисциплинарна студија на спомнатиот регион, која подоцна ја одбранил како докторат.

Но исто така значајни се и писмата кои ги разменува оној „внатре“ со оние „надвор“. Во случајов станува збор за 105 кореспонденции кои ги откриваат интимните мисли на една од најзначајните фигури на 20 век, филозофот, писател, социјален критичар и Нобеловец, Бертранд Расел, од чија смрт (на 2 февруари) се одбележуваат 50 години.

Пацифист по определба, Расел прв пат бил затворен на шест месеци во 1918 поради свој говор против влегувањето на САД во Првата светска војна. Во својата автобиографија подоцна запишал: „Затворот на многу начини ми беше пријатен. Немав обврски, не морав да носам тешки одлуки, никој не ме прекинуваше, никој не ме бараше. Многу читав, а напишав и книга Вовед во математичка филозофија“. Подоцна, во 1961, на возраст од 89 години (!) бил повторно во притвор во траење од седум денови поради учество во анти-нуклеарни демонстрации во Лондон.

И во првиот и во вториот случај не може да се каже дека тој нешто многу страдал, а се раскажува и за инцидент кога чуварот морал да го опомене да не се смее толку гласно затоа што „затворот е место за казнување“. Но неговите затворски писма даваат значаен увид во неговата врска со другите членови на групата Блумсбери, како и со славните писатели од неговата генерација, како Д. Х. Лоренс и Т. С. Елиот. Со оглед на тоа што официјално било дозволено само едно писмо неделно, останатите биле криумчарени од страна на пријатели на Расел кои доаѓале на посета.

104 писма од 1918, меѓу кои преписката на Расел со својот брат, со издавачот и со списанието Д Нејшн, сега се достапни во оригинални скенови со транскрипции и анотации на сајтот на Центарот за истражување на Бертранд Расел на Универзитетот МекМастер. Последното писмо, со број 105, е напишано во текот на еднонеделниот престој во затворот Брикстон, а е адресирано до четвртата сопруга на Расел, Едит. Да се потсетиме, тогаш Расел има 89 години.

Еве го во целост:

Драга моја,

Финиот млад адвокат ми донесе радосни вести во врска со тебе и ми кажа дека можам да ти пишам, нешто што не го знаев претходно. Сите тука се однесуваат љубезно со мене, а единственото нешто што ми пречи е што сум далеку од тебе. На моменти имам впечаток дека си тука, и заборавам дека ако кивнам нема да те вознемирам. Уживам во Мадам де Штал, во тоа што конечно можам да ја читам. Се расправам на теолошки теми со свештеникот и за медицина со докторот, и така времето минува бргу. Но разделбата со тебе е навистина ужасна, моја најмила, ќе биде прекрасно кога повторно ќе бидеме заедно. Чувај се, сакана.

Б.

18 февруари 2020 - 14:47