На 7 јануари 1964, Кен Кеси, авторот на романот „Лет на кукавичјето гнездо“, објавува писмо во Њујорк Тајмс.Неговата реакција се однесува на дел од рецензиите кон истоимената претстава, изведена кон крајот на 1963 на Бродвеј, во режија на Дејл Васерман, а во која улогата на Рендал Патрик Мекмарфи ја играл Кирк Даглас.
Самиот Даглас работел на тоа романот да биде преточен во филм, но не можел да пронајде студио кое би соработувало со него. На крај, му ги префрлил правата на својот син Мајкл, кој во 1975 го продуцира филмот кој подоцна доби Oскар за најдобар филм, режисер, сценарио, главен актер (Џек Николсон) и главна актерка (Луиз Флечер).
Еве го писмото во целост:
Од
Кен Кеси
7 јануари 1964
Секогаш сум мислел дека да реагираш на критики е исто како и да се бориш против плевел со ѓубриво. Критичарите генерално се ситат од сознанието дека нивните острици бодат; најдобро е човек да си ќути и да не ги задоволи со вакво внимание, нека се исушат и иструлат, со превиткани ’рбети. Така, се обидував да бидам тивок додека траеа нападите на претставата на Васерман направена според мојот роман, „Лет над кукавичјето гнездо“, кога ми стана јасно дека луѓето кои разбрале дека претставата се однесува на психијатриска болница, само затоа што е лоцирана во еден таков оддел, се од оној тип кој би тврдел дека Моби Дик е „напумпана“ приказна за некој брод, притоа имајќи предвид дека ваквата глупавост сепак е релативно безопасна. Молчев дури и кога претставата беше осудена затоа што ја третирала темата за менталното здравје со непочитување, неодговорно или - боже ми прости - со хумор.
Но кога бранителите на „Кукавичјето гнездо“ почнаа да покажуваат знаци на страдање од истите погрешни концепти како и критичарите, почувствував дека морам да проговорам.
Така, писмото на г-дин Фридман од минатата недела беше добра проценка на делото само по себе. Сепак, споредбата на контекстот на „Кукавичјето гнездо“ со „1984“ или со „Процес“ им нанесува неправда на голем број луѓе поврзани со истражувањето за филмот. Најпрвин, на режисерот, Алекс Сегел, кој создаде атмосфера која е толку верна на лудница (верна на реалните психијатриски болници, не на јавните сфаќања за тоа како би требало тие да изгледаат) што еден мој пријател (логопед во таква болница кој одвои време за да дојде на премиерата), по завршувањето на филмот изјави - „Се чувствувам како да сум поминал тежок ден на работа“.
Второ, актерите. Кои толку добро го доловуваат чувството на лудница, со нивните карактеризации, што се запрашав од каде ли ја црпеле инспирацијата. Само за илустрација, нивните движења: пациентите имаат одреден начин на чекорење кој е истовремено и многу случаен и ужасно целисходен, и не е карактеристичен за ниту едно друго место коешто го знам освен за психијатриските клиники. Сите актери го имаат ова чудно движење. Гледајте го Ракли како се гега на сцената; како тоа да го правел, во истите влечки, со векови. Или мрдањата со вратот на Били Бибит, или потезите како на верверичка во кафез предизвикано од лудилото на Марини. А, Кирк Даглас...по гледањето на неговата изведба, во кои вообичаените гестови и движења на Даглас беа од второстепено значење, посуптилните дејства (начинот на кој тој игриво ја поттурнува раката на друг лик додека минува, гест кој едвај се забележува, но делува познато и моќно). Го прашав дали посетил ваква болница при подготовката на улогата. „Минав долго време во Камариљо (државна психијатриска болница во Калифорнија), ми рече. „Запознав многу момци. Се уште се допишувам со еден од нив. Многу чудно место.“
На крај, идејата дека местото од претставата е фиктивно и фантастично им нанесува неправда и на илјадници пациенти во стотици болници речиси идентични со онаа на сцената. Иако „Кукавичјето гнездо“, како што нагласува со право нагласува г-дин Фридман - се однесува на многу повеќе отколку само на психијатриска болница, таа е исто така напад врз тиранијата од вид кој веројатно е подоминантен во менталните болници отколку на било кое друго место во нашата земја. Не е случајно тоа што е одбран токму овој оддел; по скоро една година работа како помошник во две болници во Калифорнија не можев да замислам подобра локација за мојата парабола. Ми требаше само да го опишам она што го видов и што го слушнав, она што го почувствував по бесконечните сеанси разговори со скршените и поразените луѓе од нашето општество и за она што ги довело до таквата ситуација. Мекмарфи, секако, е фиктивен - сон, дива надеж сочинета од потребата на победените - но луѓето кои тој ги спасува, и сеништето со кое тој се бори, се реални, живи човечки суштества. Иако овој свет може да е фантастичен, тој не е фантазија. Ниту пак е претерување; кога ќе слушнам како некој ја обвинува книгата, или претставата за „претерување со лошото“ мислам на моите последни денови во болницата: првата скица на книгата е речиси готова, и го поднесувам моето барање за отказ (еден ден претходно, случајно добивам писмо од главната сестра во кое пишува дека сум отпуштен заради „недостаток на интерес во болницата“...). Но имав само уште едно нешто да истражам: сакав да ја пробам шок терапијата за да добијам слика зошто пациентите мислат дека е толку лоша. Го сторив тоа. И сфатив. И на оние кои мислат дека тоа е фиктивно пумпање на работите, им велам - прво пробајте, па видете.
Затоа што никогаш не може да биде толку лошо во фикцијата, колку што може да биде во реалниот живот.