Најпрепознатливиот симбол на бразилскиот фудбал, и на бразилскиот идентитет, е „канаринец" жолтата маицa, коja во следните недели сигурно ќе се појавува и на стадионите, и на трибините, сè додека домаќинот останува во игра. Дизајнот датира од 1953, кога 19-годишиниот Алдир Гарсија Шле (Aldyr Garcia Schlee) дошол на идејата за него.
Потребата за нов дрес се наметнала по еден од најтрауматичните порази во бразилската историја на фудбалот. Во 1950, кога Бразил исто така бил домаќин на првенството, домашниот тим загубил од соседниот Уругвај во финалето, кој се играл пред двестотини илјади луѓе на Маракана во Рио. Тој датум и ден денес се нарекува „Поразот". Фудбалерот кој го дал одлучувачкиот гол за уругвајската победа од 2-1 подоцна изјавил: „Само тројца луѓе до сега ја имаат замолкнато Маракана - Френк Синатра, папата Јован Павле Втори, и јас". Во контекст на поразот се сметало дека можеби е до недоволната патриотичност на дресот - бел со сини шарки. Со поддршка на Бразилската спортска конфедерација, весникот Корејо да Мана отворил конкурс за дрес кој ќе ги содржи боите на бразилското знаме.
Гарсија Шле тогаш бил илустратор кој живеел близу уругвајската граница. Голем фан на фудбалот тој создал стотици дизајни, но еден се издвојувал - жолта маица, сини шорцеви и бели чорапи. Дизајнот победил помеѓу тристотини други, а дел од наградата била стажирање во весникот-спонзор. Срамежливиот млад уметник се преселил во Рио, каде му било дозволено да живее со членовите на националниот тим. Тоа баш и не се покажало како добра идеја, бидејќи Гарсија бил шокиран од пиењето и сексот кој биле постојано на дневен ред помеѓу фудбалерите, што очигледно му го скршило ќефот. Наскоро се вратил дома и никогаш веќе не се преселил.
Неговата облека наскоро ја сменила среќата на Бразил. Се ределе успеси и победи, а во 1996 Најк наводно платил двестотини милиони долари за правото да се најде на бразилскиот дрес.
Но за Гарсија работите не оделе толку мазно. По воениот удар од 1964 тој бил затворен и ја загубил професорката работа. Неговата докторска, чија тема била националното самоопределување, била уништена од војската, одложувајќи му го докторатот за неколку десетина години. Сепак тој продолжил со успешна кариера како новинар, универзитетски професор и романсиер. Неговите книги не се преведени на англиски, иако една од нив, Cuentos de Futbol (Легенди за фудбалот) би можела да биде бестселер за време на првенството. Пишува на шпански, не на португласки, и се фокусира на прашањата на идентитетот во граничните области меѓу Уругвај и Бразил.
Иако го има дизајнирано дресот на Бразил, неговите фудбалски симпатии во моментов се на страната на Уругвај. Можеби затоа што во Бразил си видел мака, тој сега смета дека дресот е всушност симбол не на жителите на оваа земја, туку на корупцијата и статус-квото кои владеат во неа. Но дури и Уругвај и Бразил да се сретнат во финалето оваа година, никој не може да замисли подраматичен натпревар од оној од 1950. Да победел тогаш Бразил, можеби и немало да има потреба од нов дрес.