„Никој не е нормален, само така изгледа од другата страна на улицата“. Оваа фраза често се повторува во серијата во седум продолженија достапна на ХБО, „ДТФ Сент Луис“ при што ова ДТФ - Down To Fuck, во превод би можело да биде СЗЕ (сетете се сами) или, политературно, ПЗС („подготвени за сексуално општење“). Иако ни од далеку не станува збор за истата естетика, серијата има нешто линчовско во себе, во портретирањето на „ноарот“ на субурбаниот живот, во кој се изгледа нормално, а всушност ништо не е. И, да, како што обично бива, во една таква атмосфера некој умира.
Џејсон Бејтмен го игра ТВ водителот на временска прогноза, Кларк Форест, кој станува најдобар другар со преведувачот на знаковен јазик Флојд (го игра одличниот Дејвид Харбор од „Стрејнџер тингс“). Нивните другарски активности облеани со сончевина се поетични и трогателни без нужно да асоцираат на истополова привлечност - заедно пливаат, одат на фитнес и возат точаци, од оние чудните, кои се управуваат со лежење. Нивната потреба од сродна душа е очигледна, особено имајќи предвид дека се отуѓени од сопствените сопруги, со кои долго време немале секс (додуша секој од нив од различни причини).
Пресвртот се случува кога Кларк му кажува на Флојд за апликацијата ДТФ Ст. Луис, како што и укажува и самото име (види погоре) наменета за дискретни сексуални средби. Флојд прифаќа, но под услов двајцата да влезат во тоа. Јасно е дека од тука натаму нештата ќе се искомплицираат, и тоа и се случува, на начини кои меандрираат помеѓу смешни, многу тажни и крајно бизарни. Ваквото меандрирање е дополнително поттикнато од интересната структура/монтажа на нарацијата, која иако постојано скока од една временска точка до друга, никогаш не станува ниту збунувачка, ниту премногу насочувачка (ниеднаш не се појавува телоп со „2 часа порано“, „1 месец подоцна“ итн.).
Двајца детективи (повозрасен конзервативен маж и помлада либерална жена) почнуваат да ја распетлуваат приказната, откривајќи дека зад наизглед мирниот приградски живот се кријат тајни, неверства и насилство. Ништо ново во историјата на човештвото, само што Кларк, Флојд и сопругата на Флојд, Каролин, влегуваат во триаголник кој е со толку необична форма што е прашање дали може да се подведе под прецизните барања на геометријата. Каролин го изневерува Флојд со Кларк исполнувајќи му ги најчудните сексуални фантазии. Но Кларк всушност има „комплексни чувства“ за Флојд, кого не сака да го повреди. Кога овој ќе дознае за нивната врска, пак, наместо да се буни, бара тивко да стои во шифоњерот во хотелската соба и да гледа. И колку тројцата да сакаат да си помогнат да ја надминат осаменоста и да направат гест за другиот, толку нештата излегуваат наопаку.
После „Адолесценција“ и сличните филмови и серии на тема младешко соочување со предизвиците на машкоста, ова е одлично истражување на тоа што значи да си средовечен, „невидлив“ маж кој не изгледа веќе добро ниту во спидо гаќички, ниту на постер на еротско списание, заглавен во некреативно секојдневие и во долгови поради кои не може ни да умре на раат. Како да се одржи стереотипот за машкото херојство во такви околности? Малите чинови на доминација и задоволство споделени со непознати вршат работа на кратки стази, но на подолги повторно е потребна поткрепа од семејството, колегата, пријателот. Како што вели еден корисник на спомнатата апликација со профил „Модерна љубов“, понекогаш луѓето преку неа се договараат само да возат ролерки дур се држат за рака. Барањето многу повеќе од близина на уште една напатена душа, тоа знае да убива.
Илина, Букбокс