Голите слепи кучиња се необични подземни цицачи од Источна Африка, познати по тоа што живеат во строго организирани колонии. Вообичаено, само една женка – кралицата – се размножува, додека сите други имаат „работни задачи“ како собирање храна, чување и грижа за младите. Кога доаѓа време за нова кралица, тоа често значи агресија и жестоки борби.
Но една колонија, проучувана на Институтот Салк oд Сан Диего, Калифорнија, ги изненадила научниците. Кога пристигнала во 2019 година, истражувачите ја нарекле „amigos“ (пријатели) – име што подоцна се покажало пророчко. Првичната кралица, Тере, владеела со својата колонија и редовно раѓала младенчиња. Но со текот на времето, се појавиле проблеми – пренатрупаност, смрт на новороденчиња и стрес од преселба во нов лабораториски простор. На крајот, Тере престанала да се размножува, што обично е сигнал за брутална борба за наследство.
Научниците очекувале хаос. Но наместо тоа следело мирно примо-предавање на власта.
Две од ќерките на Тере почнале да растат и да се размножуваат. Едната угинала, но другата, Арвен, постепено станала новата кралица. Она што е најнеобично: старата кралица не била соборена, туку останала во колонијата, продолжувајќи да ја штити дури и новата владетелка. Наместо крвава борба, оваа „кралска смена“ поминала како цивилизирано предавање на функција. Тере сега живее како нешто како „кралица-баба“, со потенцијално уште децении живот пред себе.
Овој случај им покажува на научниците дека голите слепи кучиња можеби не се толку едноставни во своето однесување како што се мислело. Иако често се познати по агресивни борби, тие можат да изберат и поштедлив и помирен пат, избегнувајќи повреди и губење на членови на колонијата.
Интересно е што во исто време, друга колонија во Националната зоолошка градина Смитсонијан водела вистинска „граѓанска војна“, со смртоносни судири што траеле со години. Тоа само покажува дека, како и кај луѓето, и кај овие животни има различни „политички системи“.