Мавање коли и вадење сопствени заби – чудните начини на кои актерите влегуваат во улога

Актерската посветеност понекогаш оди многу подалеку од учење текст и појавување пред камера. Некои актери имаат навистина необични начини да „влезат“ во ликот што го играат – од слушање музика за време на снимање, до вадење заби, кршење автомобили и опсесивно размислување за тоа каква салата би нарачал нивниот лик.

Во втората сезона на серијата „Биф“ (уште не сме ја почнале), Кери Малиган и Оскар Ајзак решиле за време на снимањето да носат мали слушалки во ушите. Наместо преку нив да ги слушаат репликите, како што често прават актерите, тие пуштале музика за подобро да ја почувствуваат сцената. Во напнати сцени го пуштале Том Јорк, а во љубовните сцени песни што ја засилувале емоцијата. Дури и бакнежите биле синхронизирани со одреден ритам. Но, овој експеримент ја чинел продукцијата многу пари, бидејќи тимот за компјутерски ефекти морал дигитално да ги брише слушалките од секој кадар.

Сепак, ова е само мал пример во споредба со некои други актерски ексцеси. Џаред Лето, подготвувајќи се за улогата на Џокер во „Суисајд сквод“, станал познат не толку по улогата, туку по бизарните подароци што им ги праќал на колегите – стаорци и мртви свињи – за да ја долови психопатската природа на ликот. Шаја Лабаф, за филмот „Фјури“, одбил да се бања, извадил заб и си го сечел лицето со нож за да изгледа поавтентично како војник. Наместо да ја глуми, тој избрал буквално физички да ја почувствува улогата.

На телевизија ваквите екстреми се поретки, бидејќи снимањата се побрзи и буџетите поограничени, но и таму има легендарни случаи. Џејмс Гандолфини, кој го играше Тони Сопрано, пред снимање знаел да имитира кокошка за да се подготви психички, а понекогаш мавал автомобили со тупаница. Често и доцнел или воопшто не се појавувал на сет, па ХБО почнал да го казнува со 250.000 долари дневно.

Џереми Стронг, познат по улогата на Кендал Рој во „Сксешн“, исто така е симбол за екстремна актерска посветеност. Тој се изолирал од остатокот од екипата и сериозно размислувал каква салата би нарачал неговиот лик во ресторан. Колегите не биле воодушевени – Киран Калкин дури изјавил дека таквиот пристап всушност воопшто не му помагал, а им одмагал на другите.

И Мејси Вилијамс покажала необична дисциплина. Иако е природно деснорака, таа научила да се бори со меч со левата рака само затоа што Џорџ Р. Р. Мартин во книгите напишал дека Арја Старк е левак. За најпосветените фанови на „Гејм оф тронс“ тоа секако било важно.

На прв поглед, ваквите постапки изгледаат претерани, па дури и смешни. Но дали се навистина неопходни или актерите едноставно сакаат малку повеќе драма и надвор од сцената?

* Илустрацијата е генерирана со ВИ, не е од конкретна сцена во серијата:)

24 април 2026 - 10:17