На Меѓународниот ден на книгата

Писател? Ако, нешто да се работи

Покрај малиот број автори кои „успеваат во животот“ и можат не само да се издржуваат туку и добро да печалат од својата работа, мнозинството кои пишуваат затоа што не можат а да не го прават тоа работат нешто друго во таканаречениот секојдневен живот. Голем број од нив биле толку сиромашни што да можат да се разбудат денес би се чуделе што во меѓувреме нивните книги станале класици.

Бројот на писатели кои за време на животот останале „несфатени“, па и неплатени, е голем. Еден таков пример е Херман Мелвил, авторот на „Моби Дик“. Иако денес се смета за класик, во негово време книгата не била ценета. Разочаран од критиките, тој поминал речиси 20 години работејќи како царински инспектор во Њујорк, проверувајќи товар на бродови. Додека порано пловел по морињата и пишувал за авантури, неговиот живот во текот на овој период се свел на рутина и бирократија, а пишувањето го оставал за слободното време.

Овој судир помеѓу креативниот порив и реалноста на работата не е нов. Низ историјата, писателите имале најразлични професии: Франц Кафка работел во осигурителна компанија и ја доживувал работата како товар што му ја попречува вистинската цел – пишувањето. Волт Витман бил државен службеник, Вилијам Фокнер бил поштар, Џек Керуак железнички работник, а Чарлс Буковски исто така работел во пошта. Курт Вонегат едно време заработувал како човек за односи со јавност во компанијата Џенерал електрик и како пожарникар. Некои имале уште понеобични работи, како истребувач на инсекти (Вилијам С. Бароуз).

Има и исклучоци: некои писатели успеале да ги усогласат работата и уметноста. Т. С. Елиот работел во банка, а Волас Стивенс бил адвокат во осигурителна компанија, пишувајќи поезија паралелно со кариерата.

Но тука се поставува едно позначајно прашање од тоа кој како се снаоѓал, а тоа е дали пишувањето е само работа? Од една страна, тоа бара труд, време и дисциплина. Но од друга страна, пишувањето е и повик, нешто повеќе од обична работа. Иако многумина од авторите велеле дека не ја сакаат својата работа, токму во тие секојдневни, обични ситуации наоѓале инспирација. Големите писатели успеале да ги претворат тие искуства во литература, создавајќи уметност од „најобичниот“ живот. 

23 април 2026 - 15:39