Росалинд Ридли, невронаучник од колеџот Њунхем во Камбриџ, во нејзината тукушто објавена „Петар Пан и умот на Џ. М. Бари“ тврди дека доколку внимателно се чита од аспект на детска психологија, авторот наведува неколку клучни фази во развојот на детето.
Еден од примерите е сцена во кое девојче му нуди на Петар марамче за тој да си ги избрише солзите. Тој не разбира што ќе му е марамче, па таа мора да му објасни, најпрвин бришејќи ги нејзините. „Сега стори го ти истото“, му вели, а тој место да ги избрише неговите очи, повторно ги брише нејзините. Таа се преправа дека на тоа и мислела. Според Ридли тука Бари го објаснува неговото сфаќање на една од фазите на детското растење - развивање на „теорија на умот“, или способност за разбирање на тоа дека сопствените знаења, чувства и уверувања не ги споделуваат сите останати луѓе. Ова децата природно го учат на возраст од три-четири години, а доколку тоа не се случи ни на подоцнежна возраст, според некои психолози може да е симптом на аутизам, Аспергеров синдром или некои психијатриски состојби.
Ако се сеќавате на книгата, и на цртаниот, во нив Петар често покажува необично однесување, на пример недостаток на емоции. Според Ридли, Бари всушност намерно ги вметнувал ваквите „грешки“ во нормалното структурирање на нашите мисли и чувства во ликот на Пан, на тој начин всушност истражувајќи ја природата на сознанието. „Бари всушност покажува дека децата, наместо само да се здобиваат со фактички информации, треба да се развиваат и когнитивно за да пораснат. Неговиот повик всушност бил за подобро разбирање на менталните и емоционалните потреби на децата“.
Во времето кога Бари ги пишувал приказните за Петар Пан, помеѓу 1897 и 1902, когнитивната психологија била во зародиш, така што тој може да се смета за нејзин пионер - од начинот на кој го опишува заразното зевање, до потенцирањето на важноста на спиењето за консолидирање на меморијата, коешто тој го нарекува „средување на фиоките“. Според Ридли главно влијание врз формирањето на идеите на Бари имал Дарвин - и Бари смета дека голем дел од нас е животинско, и дека тоа воопшто не треба да се сфати пежоративно, туку како дел од човечката природа. Петар Пан всушност бил создаден од Бари за да ги забавува момчињата од семејството Дејвис, кои тој ги сретнал додека шетал низ градините на Кенсингтон. Кога нивните родители умреле, тој станал нивен старател. Но тие содржат и автобиографски момент, за едно друго момче кое никогаш не пораснало - брат му на Бари, кој починал во несреќа на скијање.