„Ја писател, ја хулиган", рече откако малку си помолча, образложувајќи ја својата збунетост со тоа што во својата средина не само што ретко го наградуваат, туку и често сакаат да го „бијат", сметајќи го за „лошо дете" на руската литература. Оваа песна на одличен начин ја покажува причината за тоа. Ерофеев хулиганот, во најпозитивната смисла.
ИЗОПШТЕНИОТ
Пушкин...
Кое руско уво нема да се наостри
при звукот на таа света мелодија?
Нема такво уво.
Гогољ...
Кое руско око нема да засветка
од тој магичен збор?
Нема такво око.
Достоевски...
Која руска душа нема да воздивне
од само едно сеќавање на него?
Нема таква душа.
Толстој...
Кое руско срце не почнува да чука посилно
при средбата со грофот?
Нема такво срце.
Блок...
Кој руски мозок не ги памети
неговите сребрени стихови?
Нема таков мозок.
Чадаев...
Која руска веѓа нема да се крене
слушајќи го неговото слово што плени?
Нема такви веѓи.
Лермонтов...
Кое руско грло нема да се стегне
од восхит при споменот на него?
Нема такво грло.
Марина Цветаева...
Кои руски православни усни
нема да затреперат кога ќе го изговорат
нејзиното име?
Нема такви усни.
Булгаков и Зошченко...
Кои руски образи нема да се затресат
од бурата смеа и солзи?
Нема такви образи.
Державин...
Кои руски гради нема да запеат од гордост
при ѕвекотот на тој кристал?
Нема такви гради.
Чехов...
Кое руско чело нема копнежливо да се растажи
слушајќи ги звуците на таа таинствена флејта?
Нема такво руско чело.
Големата руска книжевност...
Кој руски кур нема да стане од место
на мелодијата на таа национална химна?
Има еден таков кур. Ние ќе се кренеме, тој нема.
Сите ќе бидеме простум освен него.
Осамено, тажно, слабичко куре.
Но ако се заигра, ако човечки му се пристапи,
и тој ќе стане.
* Препев од хрватски, од книгата „Руски бордел на музите", Ферал трибјун 2000.