Друштвото за кремација Нептун раководи со меморијален гребен под истото име, близу брегот на Мајами Бич. Станува збор за подводен објект со чија градба е започнато во 2007, а кој кога ќе биде комплетиран ќе биде доволно голем за да може да собере над 250.000 починати.
Тука веќе почива пепелта на 1000 поединци погребани на длабочина од 12 метри, под површината на Бискејн беј. Наместо со гробови, гребенот и исполнет со скулптури на морски животни, како октоподи и морски желки. Пепелта од починатите се меша со цемент пред да се вгради во избраниот меморијален споменик, на кој на посебна плочка се врежуваат личните информации.
Семејствата се поканети да присуствуваат на церемонијата на подготовка, како и на поставувањето на споменикот, што можат да го следат од друго бротче. Друштвото нуди и опција да се стави само плочка на гребенот и да се истури пепелта во водата.
Целта, според компанијата, е местото да претставува одлична дестинација за нуркање, но истовремено и за потсетување на моќта на човечкиот дух. Финалното почивалиште е особено податен избор за оние кои и за време на животот го сакале океанот и се грижеле за околината.
Ова е истовремено и локација каде се одвиваат „зелени погреби“, кои се во тренд последниве години. За ова пишувавме и претходно во „Што е тоа водно кремирање?“