На 26 декември 2021, на 90-годишна возраст, почина Дезмонд Туту, верски лидер, добитник на Нобелова и борец против апартхејдот во Јужна Африка. Согласно негова желба, остатоците му беа „аквамирани“, односно подвргнати на алкалинска хидролиза, уште наречена и „водна кремација“, еколошки начин за третирање на човечки остатоци. Оваа вест го поттикна меѓународниот интерес за процедурата, која всушност воопшто не е нова.
Во текот на алкална хидролиза, човечкото тело е запечатено во долга челична кутија, која е потопена во затоплен раствор од 95 проценти вода и 5 проценти натриум хидроксид. Во верзијата со пониски температури, растворот достигнува темепратура под точката на вриење, процесот се одвива под атмосферски притисок а телото се распаѓа во тек на 14-16 часа. Во верзијата со повисоки температури, мешавината достигнува до 150 степени Целзиусови и создава поголем притисок, па тогаш телото се распаѓа за 4-6 часа. Процесот ги уништува врските во ткивата и на крај резултира со стерилна, течна комбинација на амино киселини, пептиди, соли, шеќери и сапуни, кои се исфрлаат преку цевка од погонот за алкална хидролиза. Коските се толчат до фина прашина и се враќаат на семејството, исто како и после обичното кремирање.
Алкалната хидролиза беше официјално понудена во САД пред една деценија, а сега е дозволена и регулирана во 26 држави. Сепак, останува прилично непозната и ретко практикувана, па оттаму оние кои се залагаат за неа го искористија случајот со Туту за поширока афирмација на нејзините придобивки.
Всушност патентот за алкалната хидролиза датира од 1888, а му бил издаден на Амос Херберт Хобсон, Британец кој открил дека комбинирањето на животински остатоци со алкали растворени во вода по 8-10 часа варење резултираат со желатин и лепило, а можат да се користат и за правење вештачко ѓубриво. Методот бил од полза на земјоделците, но неважен за погребалните претпријатија, кои се труделе да го спречат, а не да го забрзаат процесот на распаѓање.
Еден век подоцна истиот метод бил доразвиен како безбеден начин за отстранување на животни кои се користени за радиоактивни истражувања (на пример зајаци). Прва ваква машина е инсталирана на медицинскиот факултет во Албани, во државата Њујорк, а слична таква за процесирање човеки остатоци е продадена на Универзитетот во Флорида во 1995, под еуфемистичното име „разградувач на ткива“, кој се користел за процесирање донирани трупови за медицински истражувања. Во следната деценија иноваторите од Албани продале и инсталирале повеќе од 75 вакви машини, а формирана е и компанија специјализирана за вакви услуги, Био-респонс солушнс. Оваа, како и „сестринска“ фирма отворена во Шкотска, Резомејшн Лтд., сега се единствените кои продаваат и одржуваат вакви системи.
Вратата за промовирање на ваквиот начин на погребување ја отворил директор од Охајо, кој откако извршил 19 процеси државата му ја забранила дејноста, иако ниту еден закон не ја забранувал. Неговото претпријатие се уште ја врши процедурата, но телата ги носи до Мисури, каде законот го дозволува ова.
Сите истражувања покажале дека алкалната хидролиза е безбедна за локалните канализациски системи, и не само што е безбедна туку и ги храни бактериите кои помагаат во побрзо распаѓање на отпадот. Велат дека теоретски, она што се добива по распаѓањето на телото како течност е толку безбедно што може да се пие. Не дека некој се осудил да го проба.