Во 2017, за време на претседателствувањето на Доналд Трамп, на затворениците во Гвантанамо Беј им беше забрането да ги изнесуваат своите цртежи, слики и други дела кои ги правеле во затворот. Сега, под притисок на поранешни и сегашни затвореници кои пред четири месеци напишаа отворено писмо до претседателот Бајден, нивната уметност е слободна.
Затворениците ќе можат со себе да земат „практичен квантитет од својата уметност“ кога ќе ја напуштат институцијата, и иако не е баш најјасно што значи тоа, се знае дека тие дела и понатаму ќе се сметаат за сопственост на владата на САД.
На врвот на своето функционирање, затворот во Гвантанамо имаше 700 затвореници, а сега само 34. Тие велат дека сликите и другите дела биле алатки за тие да се поврзат со своите спомени, со претходните животи, со природата, со семејствата. „Ја сликавме нашата надеж, страв, соништа и слободата. Нашата уметност ни помогна да опстанеме“.
Откако оградите кои го блокираат погледот кон морето од затворот биле накратко отстранети во 2014, затворениците почнале да прават уметност инспирирана од водата. Некои од тие дела доведоа до изложба во Њујорк во 2017, под наслов „Ода на морето“ која содржеше речиси 100 креации создадени од шестмина затвореници кои денес се на слобода. Но кратко време потоа Министерството за одбрана објави дека останатите веќе нема да можат да ги земат со себе сликите по излегувањето.
Од спомнатите 34 затвореници, на 20 неодамна им е одобрен трансфер. Помеѓу нив има луѓе кои имаат поминато долги години цртајќи, правејќи скулптури или сликајќи, и имаат создадено големи збирки.