Храмот некогаш посветен на божицата Атина, симбол на демократијата и на западната цивилизација, ќе добие и нови значења кога ќе биде конструиран исклучиво од забранувани, или се уште забранети книги.
Објектот кој ќе се изгради на плоштад во Германија е на Марта Минухин, аргентинска концептуална уметница која веќе има објавено повик за донирање на 100,000 вакви книги за проектот. Кога ќе се комплетира, тој ќе биде поставен во паркот на Фридрихплац во Касел, каде нацистите на 19 мај 1933 изгореле над 2000 книги, во тек на таканаречената „кампања против негерманскиот дух“.
Секако, Фридрихплац не било единственото место каде се гореле книги во Германија. Во текот на истата година преку серија акции на десничарско ориентираните студенти и членови на нацистичката партија се уништувани книги кои содржеле антинационалистичка, еврејска или „декадентна“ реторика.
Минухин го базира проектот на нејзина претходна инсталација. Вo 1983 таа изградила сличен храм од книги за да го одбележи падот на диктатурата во Аргентина. На крајот El Partenon de Libros бил демолиран од два крана, а минувачите можеле да ги земат книгите. Слична судбина се планира и за книгите кои ќе бидат вградени во германската верзија, а која ќе биде изложена 100 денови, почнувајќи од 10 јуни 2017.
Таа, освен што го има објавено повикот, работи и со професори и студенти од германските универзитети за да состави листа на книги за изложбата. Американците изразиле желба да се придружат, со оглед на постоењето на нивен список на сè уште забранувани книги - Американската библиотечна асоцијација веќе донирала неколку романи од него.
Сајтот на проектот тука