Музејот д’Орсеј го ангажира илустраторот Жан-Филип Делом да го преземе раководењето со Инстаграм профилот на оваа институција секој понеделник во текот на 2020. На него тој треба да постира различен цртеж, претставувајќи познат уметник како современ корисник на социјалните мрежи.
Делом, чии дела меѓу другото се објавувани во Њујоркер, ја започнал годината со францускиот ликовен критичар Жорис-Карл Усман, кој е тема на тековна изложба во музејот. Постот е „селфи“ (цртеж) на критичарот направен од страна на уметникот Жан-Луи Форен во 1878, со текст „Ти благодарам @JL.Forain за мојот портрет“. Лајк под сликата кликнал и @degas.
Претседателот на музејот изјавил за Фигаро дека целта на проектот е да промовира уметници од различни епохи преку нивно вклучување во денешната онлајн комуникација. Притоа, намерата не е да се вулгаризираат делата, туку истите да се искоментираат од денешна перспектива.
Делом минатата година објавил книга под наслов „Инстаграмите на уметниците: до сега невидени постови на најголемите уметници“ во кои ги претставил лажните профили на Џексон Полок, Фрида Кало и Пол Гоген. Според него, да постоел Инстаграм пред еден век, денес не би имало ликовна критика, туку „само лајкови и емотикони“.