Рибните перки се исто толку чувствителни колку и врвовите на прстите
Перките на рибите не им служат само за навигација и пливање. Според невронаучникот Адам Харди од Универзитетот Чикаго, тие се исто толку сензитивни колку и врвовите на прстите на приматите (и на човекот). Тој и неговиот тим стигнале до овој заклучок проучувајќи ги рибите „гоби“, кои се карактеристични за Црното и Каспиското море, но како инвазивни популации живеат насекаде, од реки до големи езера.
Начинот на кој биле тестирани нивните перки звучи малку сурово - на еутаназирани риби им бил вбризгуван раствор од сол кој овозможувал нервите да им фунционираат нормално во текот на експериментот. Потоа со посебен уред биле снимани електричните импулси кои нервите ги произведувале кога врз перките било поминувано со рапав предмет. Ова покажало дека тие регистрираат детална информација за она што се случува.
Ова може да инспирира напредок во роботичката сетилна технологија, особено кога станува збор за подводни ботови.
Надворешниот скелет на „ѓаволската“ бубачка е неуништив
Nosoderma diabolicum е навидум обична бубачка. Но иако е долга само 2,5 сантиметри таа може да издржи прегазување од автомобил, и тоа два пати. Точно ова го направиле на Универзитетот во Калифорнија - инженерот Дејвид Кисаилус и неговиот тим се качиле во Тојота, и иако два пати ја прегазиле бубачката, таа некако преживеала. По серија експерименти е утврдено дека таа може да издржи неверојатен притисок, до 39.000 пати повеќе од нејзината тежина.
Овој егзоскелет е богат со протеини, и се состои од повеќе слоеви кои се помрднуваат поединечно без да се скрши целиот оклоп. Тие се споени како парчиња сложувалка.
Сега истражувачите предлагаат ваквата структура да послужи како инспирација за проектирање на авионски турбини, со користење на два различни материјала - метал и пластика - кои би се поврзувале на истиот начин како што се поврзуваат слоевите на бубачката. Ова може да се користи и за други превозни средства, за мостови и за згради.
Објаснета е ултра-црната пигментација на 16 видови длабоководни риби
Кога биологот Карен Осборн од американскиот Национален музеј за природна историја се обидела да фотографира грбава јадичарка, која е наречена и „црн морски ѓавол“ бидејќи има рокче на челото (за неа и нејзините еротски склоности пишувавме претходно тука), таа никако не се појавувала на сликата. Рибата е буквално нефотогенична, бидејќи апсорбира 99.5% од светлината на блицот, а може да се фотографира евентуално ако се улови, или ако по некоја случајност исплива на површина.
Таа и уште 15 видови риби вклучени во студијата имаат ултра-црна пигментација која им овозможува да се стопат во мрачната околина на длабокиот океан. Со имитирање на формата, структурата и дисперзијата на меланозомите на овие риби, научниците кои се обидуваат да пронајдат нови материјали би можеле да создадат вештачки ултра-црн пигмент, кој би се нанесувал во внатрешноста на телескопите за подобро набљудување на небото. Во некоја верзија, која во моментов звучи научно-фантастична, пигментот може да послужи за производство на оклоп кој би го правел неговиот носител невидлив ноќе.
Бумбарите можеби знаат колку се големи
Бумбарите делуваат несмасно, но тоа е до нашата лоша проценка. Инженерот Сридар Рави од Универзитетот Нов јужен Велс во Канбера ги тестирал бумбарите создавајќи тунел во лабораторија. Тој направил процеп внатре тунелот и со текот на времето го стеснувал. Кога процепот станал претесен за распонот на крилја на бумбарите, тие застанувале за да го проценат отворот и потоа се вртеле странично за да поминат без да ги оштетат крилјата. Спроведувањето на ова подразбира свесност за големината на сопственото тело од различни агли, способност која барем до сега се сметало дека инсектите ја немаат.
Ова покажува дека за комплексни перцепции не е секогаш потребен голем и софистициран мозок, туку истото може да се постигне и со неколку неврони. Истото може да се искористи за правење помалку несмасни роботи-дронови, кои попрецизно би се движеле низ просторот а би имале и пливачки способности.
Уште откритија од 2020 тука