Пред некоја година се појави вест за прва снимка на риба која живее во длабоки и мрачни води, и која поради тоа се нарекува „црн морски ѓавол“. Станува збор за тн. грбава јадичарка, од семејството на црнојадичарковидни риби, која живее главно во тропски океани, понекогаш на длабочина и до 2 километри. Мажјаците имаат должина до 3 см, а женките се поголеми, до 20 см.
Но ова се само површни информации за нешто што визуелно навистина изгледа демонски - со рокче на челото, со остри заби и огромна уста. Ова прави (буквално) да падне во вода теоријата дека „големата риба ја јаде малата“, бидејќи овој прцул изгледа како да може да изеде не поголема риба, туку слон.
Но има нешто поинтересно во врска со неа од нејзината телесна убавина, а тоа е начинот на кој таа се пари. Имено, кога двете риби се спојуваат под вода, машката клеточно се фузира со женската риба, засекогаш. Значи не метафорично сплотување на душите и телата, туку буквално, после што тие делат заеднички респираторен и дигестивен систем - едни бели дробови и еден желудник за двајца.
Ова научниците го нарекуваат „сексуален паразитизам“, а кај рибиве успева бидејќи тие со текот на времето загубиле („се откажале од“ би било препретенциозно) клучен дел од својот имунолошки систем. Сите ’рбетници, вклучително и луѓето, имаат два вида имунолошки систем. Првиот е вродениот, кој реагира брзо на напади од микроскопски напасти. Втората линија на одбрана е адаптивен систем кој произведува и тн. Т-клетки, односно клетки-убијци кои не само што се бранат, туку и го напаѓаат патогенот. Тука спаѓаат и антитела кои се прилагодени да реагираат на специфични бактерии или вируси. Двата система работат заеднички за одбрана од инфекции и превенција од болести.
Во нова студија објавена на 30 јули во списанието Science, истражувачите од Институтот Макс Планк и Универзитетот Вашингтон тврдат дека голем број видови на спомнатата риба (има повеќе од 300), еволуирале така што ги загубиле гените кои ги контролираат нивните адаптивни имунолошки системи, што значи дека тие не можат да создаваат антитела и Т-клетки. Но ова било некој вид еволутивна трампа - ок, нема да имам развиен имунитет, но затоа пак полесно ќе се репродуцирам. Ова го докажале врз примероци од ѓаволски риби собирани во последниве шест години и нивно генетско тестирање. Додуша, главно биле мртви и од музејски збирки, бидејќи тие не само што се ретки туку и се многу тешки за фаќање во толкави длабочини. Она што е јасно е дека кај сите други ’рбетници ваква фузија на ткива би поттикнала имунолошка реакција, бидејќи телото на „домаќинот“ би го третирала новото ткиво како непријател-освојувач. Токму затоа кај пресадување органи, на пример, е важно да се провери дали ткивото на донаторот и на примачот се соодветна спојка, но истовремено се препишуваат лекарства кои привремено го потиснуваат имуниот систем на примачот. Ѓаволската риба тоа ѓаволесто го има постигнато, само преку еволуција.