Кристофер Голдшајдер им се придружил на гудачите на Кралската опера во 2012. Токму тогаш се случила и пробата на „Валкирите“ кога заради опасни нивоа на врева тој се здобил со повреди на слушниот апарат, кои се покажале како трајни.
Неодамна тој го доби случајот против институцијата, по повеќгодишно влечкање по судови, жалби и апелирање до повисоки судски инстанци.
Голдшајдер бара отштета за тн. „акустичен шок“ - состојба чии симпотми вклучуваат зуење во ушите, хиперакусис (зголемена чувствителност на звуци) и вртоглавици, а сето тоа затоа што бил изложен на нивоа на врева кои надминуваат 130 децибели. На пробата бил распореден непосредно пред секцијата со удирачките инструменти, а освен тоа зад неговото десно уво имало и труба која произведувала звук со јачина од 132 децибели - скоро еквивалентно со оној кој го произведува млазен мотор. Заради сето ова тој денес мора да носи посебни штитници за уши за да може да извршува секојдневни обврски.
Ова е прв пат акустичниот шок да е признаен како здравствено нарушување кое може да биде судски компензирано. Во својата одбрана Операта тврдеше дека „уметничката вредност на музиката која ја создава оркестарот подразбирало извесно нарушување на слухот на музичарите, дека вревата била очекувана и дека оттаму таа е оправдана“. Но судот останал глув за овие аргументи.