Клио - старогрчка муза на историјата. Динамика - истражување на тоа зошто и како нештата се менуваат со текот на времето. Ако некој феномен е динамичен, тоа секако се историските процеси - бројот на население се зголемува и опаѓа, династии и царства се појавуваат па пропаѓаат, економиите флуктуираат. Руско-американскиот научник Питер Турчин има развиено оригинална теорија користејќи ги методите на клиодинамиката, покажувајќи како историски империи се развиваат, кулминираат, а често и пропаѓаат, користејќи ја теоријата на „социјални циклуси“.
За разлика од теоријата на социјален еволуционизам, која вели дека човечките општества прогресираат во некоја нова, уникатна насока, теоријата на социолошки циклуси вели дека настаните и етапите на историјата циклично се повторуваат. Иако различните автори нудат различни толкувања за тоа на колку години се случува повторувањето, согласни се дека ваквиот тренд може барем приближно да се предвиди, иако не секогаш и да се превенира.
Тоа е всушност и она што ги поврзува повеќето вакви мислители - песимизмот. Турчин, на пример, уште во 2010 објави истражување кое комбинираше 40 општествени индикатори и предвиде дека 2020-тите ќе бидат години на големи политички и економски турбуленции. Генералната тенденција на општествен колапс според него се должи на губитокот на способноста на луѓето да соработуваат меѓу себе и колективно да дејствуваат за заедничка цел. Согласно овој критериум САД биле во фаза на колапс уште пред пандемијата, односно во последниве 40 години. „САД во основа се јадат себеси одвнатре“, вели тој, со оглед на големиот број население кое осиромашува додека елитите трупаат се поголемо богаство.
Во интересна анализа во Њујорк Тајмс под наслов „Како знаеш кога некое општество ќе се распадне“, се анализираат ваквите „алармистички“ ставови на повеќемина современи мислители на линија на Турчин. Oна што нив најмногу ги загрижува е што во сегашниот свет веќе не е можно изолирано пропаѓање на една цивилизација (како на пример на онаа на Маите и Ацтеките во минатото). Комплексни општества има насекаде каде што е можно живеење на повеќе луѓе на една територија, а сите тие се глобално поврзани. Оттаму, кога и ако се случи нов колапс тоа нема да биде колапс на поединечна нација, туку светската цивлизација ќе се распадне во целина.
Атлантик пак во нов текст под наслов „Следната деценија може да биде и полошо“ прави интервју со Турчин во коешто тој има уште лоши вести. „Предоцна е“, вели тој, а проблемите се длабоки и структурни, и во САД кадешто живее, но и во светот кој страда од „прекумерна продукција на елити“ - тенденцијата на владеачките класи да растат побргу од бројот на позиции кои стојат на располагање за нивните членови. Во кралските кругови ова може да се должи на биологија - голем број деца во аристократските семејства за кои нема доволно титули. Во други контексти елитите се прекубројни поради економска и образовна мобилност. Ова второво не е лошо само по себе, но создава инфлација на дипломи, борба за работни места и за каква и да е моќ. Елитните работни места и високите политички позиции не се мултиплицираат толку брзо колку што тоа го прават елитите. А ваквот процес создава реакција - контра или пара-елити, кои бараат сојузници помеѓу „обичните“.
Начинот на кој зборува и размислува Турчин за луѓето и нивните карактеристики можеби звучат студено, но тоа не е необично ако се знае дека тој докторирал - зоологија. Поконкретно, ја истражувал мексиканската бубачка кој го напаѓа гравот (mexican been beetle). Неговите теории пак за човечките општества до скоро беа отфрлани како „теоретизирања од барска столица“ (демек бош муабет на шанк). Но сега кога тие полека се одигруваат пред нашите очи, можеби нему и на оние со слични становишта треба да им се посвети поголемо внимание. Иако, ако тие се во право, и онака е предоцна.