Омилениот диригент на Хитлер

Берлинската филхармонија издава нов комплет од 22 ЦД-иња со снимки од концерти на еден од нејзините директори и диригенти, направени пред и за време на Втората светска војна. Со тоа се отвараат голем број прашања поврзани со правењето уметност во очајни времиња.

Вилхелм Фуртвенглер, висок и слаб човек чија фигура дополнително се издолжувала кога ќе ги кренел рацете за да диригира, ја водел Берлинската филхармонија од 1922-1945, и уште две години од 1952 до смртта во 1954. Сега институцијата на која ѝ го посветил животот ги реиздава снимките од периодот кој коинцидира со подемот на национал-социјализмот и Втората светска војна.

Колку и човек да се обидува да се концентрира на музиката, не може да се одбегне помислата на околностите во кои се правени овие снимки. Фуртвенглер бил омилениот диригент на фирерот (фотографиран како аплаудира по концерт долу), па оттаму настапите на Филхармонијата одржувани за време на војната биле снимани со големо внимание, „согласно желбите на водачот“. Звукот, како во видеото подоле, е одличен за тоа време, а инженерите користеле магнетни ленти, тогаш релативно нов германски пронајдок. Хитлер добил и посебен магнетофон на кој можел да ги слуша концертите. И овој, увертирата на Кориолан на Бетовен, сигурно бил меѓу нив.

Моралните дилеми поврзани со диригирањето на Фуртвенглер во ваков контекст се тема на дискусија во придружната книшка - всушност книга - која оди со ЦД сетот издаден од Берлинската филхармонија, и содржи 184 страници. Деконструирајќи ја илузијата за автономијата на уметноста недопрена од долгата рака на социјалниот контекст во кој таа се создава, нејзините автори нè соочуваат со цитат од програмата за 1943 на Филхармонијата. Спротивставувајќи ја благородната уметност на Бетовен на злосторствата кои наводно биле извршени од германските непријатели, таа вели: „Кога стрелите ќе го започнат својот лет, она што се слуша е звукот на нашиот свет - свет на дух кој ниту еден воздушен напад и ниту една бомба не може да го победи“.

Ова ни укажува на можноста дека аурата околу Фуртвенглер не се формирала наспроти историската ситуација, туку токму како нејзин резултат. Диригентот и неговите музичари работеле „како да нема утре“, а тоа особено се чувствува во снимките од 1945, кога веќе станувало јасно дека најкрвавата од сите војни всушност била заслужна што еден германски музичар го достигнал врвот на својата кариера, и поставил стандард кој ниту тој, ниту пак некој друг симфониски диригент можел да го повтори во брзо време.

Снимки од концерти на Фуртвенглер биле достапни и претходно, но сега Филхармонијата ги подредила според хронологијата, на 22 ЦД-иња, користејќи архивски снимки кои по војната паднале во рацете на Советите. Диригентот како млад имал и композиторски амбиции, па некои од неговите дела се исто така вклучени во комплетот, и тие се оценети како доцноромантичарски дела на линија на антимодернистичките ставови на Хитлер и неговиот режим.

Неодамна излезената книга „Вилхем Фуртвенглер: уметноста и политиката на неполитичкото“ на Роџер Ален содржи и коментари на самиот диригент за она што претставува или треба да претставува музиката. „Ниту една вистинска симфонија не била компонирана од не-Германец“, напишал тој во 1929. Во 1947, пак, изјавил дека атоналноста на Шенберг била „биолошки инфериорна“.

Од друга страна, музиколозите оддаваат почит на страста на материјалот, која денес, во време кога главниот фокус е на добивање на технички перфектни снимки, како да е заборавен квалитет. Диригентот држел такт кој бил тежок за следење, па член на Лондонската филхармонија имал изјавено дека секој член на оркестарот треба да почека до „тринаесетото почетно замавнување на стапчето“ пред да почне да свири. Во време на Хитлер имало и други, можеби подисциплинирани и технички посупериорни диригенти (на пример Карајан), а тој сепак му се восхитувал на Фуртвенглер, можеби токму заради неговиот пркос и самоувереност, кои произвеле емотивна и хумана музика во крајно нехумано време.

извор

6 мај 2019 - 09:02