Од воздржано смешкање до раскљафтени емоџи: кратка историја на насмевката

Насмевката е најлесно препознатливиот израз на лицето на далечина. Тоа е исто така и најлесен, во споредба со другите изрази кои искажуваат некакво чувство - на оние за страв, лутина или вознемиреност им се потребни до четири фацијални мускули. За насмевка е потребен само еден, кој се вика зигоматикус мајор, и се наоѓа на аголот на устата.

Без оглед на тоа колку е лесна за да се изведе и да се забележи, човечката насмевка има прилично широк дијапазон пројави. Таа може да рефлектира сетилно задоволство, уживање, веселост, приврзаност, олеснување, но и стрес, нервоза, ароганција, срам, агресија, презир. И сето тоа изразено  низ една обична насмевка.

Фацијалните мускули кои се потребни за насмевка се формираат уште во матката, а и не се врзани само со човечките суштества. Големите мајмуни исто така се смеат, што сугерира дека првата насмевка се појавила на лицето на некој заеднички предок многу пред Хомо сапиенс-от. Прв кој се осврнал на ова бил Чарлс Дарвин, во неговата „Израз на чувства кај човекот и животните“ од 1872, каде вклучил прва научна демонстрација на голем мајмун како се смее. Притоа покажал дека и кај нив (кај мајмуните) гестот ја има повеќезначноста која ја има и кај луѓето - може да отсликува задоволство, но и агресивна самоодбрана. 

Ова значи дека и човечката насмевка треба да се толкува во контекст на она што е нејзината намера, и во таа смисла наликува на намигнувањето. Како што забележал антропологот Клифорд Гирц во 1973, намигнувањето е физиолошки идентично со несвесното движење на очните капаци кое го нарекуваме трепкање. За да не се помешаат овие две нешта, потребно е да се разбираат културните, невербални кодови. 

Симболиката на насмевката во таа смисла може да се разликува од култура во култура, но и хронолошки односно историски. „Архаичната насмевка“ која е присутна на грчките скулптури е прилично „здрвена“ и влијае само на позицијата на усните, но одразува и некакво генерално спокојство и благосостојба. Дали е тоа истото она што денес би го нарекле насмевка?

Римјаните во својот речник имале само еден збор и за насмевка и за смеа (ridere). Дури подоцна се јавил деминутив - subridere, насмевче, термин поврзан со исмевање. Вакви верзии денес има во италијанскиот, шпанскиот, португалскиот. Во францускиот поделбата на смеење, смеа и насмевка потекнува некаде од 1300-тата, што е истиот момент кога насмевката влегува во западната уметничка традиција во форма на славниот „насмеан ангел“, создаден помеѓу 1236-1246, кој го краси западниот дел од големата катедрала во Ремс, северно-источна Франција (слика најгоре). Скулптурата има интересна историја - во текот на Првата светска војна германска граната паднала врз катедралата и ја скршила главата на ангелот. Следниот ден свештеникот во црквата ги собрал деловите и ги сочувал во подрумот на архиепископијата. Подоцна тие се пронајдени и скулптурата е реставрирана, станувајќи симбол на францускиот непокор пред германското варварство.

Три фактори влијаеле врз тоа да се минимизира присуството на овој израз на лицето во дотогашната уметност. Ширум отворената уста се сметала за знак на нецивилизираност, особено имајќи предвид што можела да открие оваа глетка во времето пред изумувањето на стоматологијата. Вториот фактор бил дека смеата била поврзувана со лудило или барем со моментално укинување на рационалноста. Трето е што најчестата тема на уметноста биле религиски сцени, а таму никој нема посебна причина да се смее. 

Исклучоци сепак имало, а еден од нив е од 18-вековен Париз, кој изобилувал со заболекари кои чистеле, белеле, полнеле, заменувале па дури и трансплантирале заби. Париските весници биле полни со реклами за вакви услуги, но и такви за чепкалки, освежувачи на здив и четк за заби - сигурен знак на насмеаната модерност. Усовршувањето на порцеланските коронки во 1780-тите од страна на парискиот бизнисмен Никола Дубоа де Шеман го отворило патот за нова индустрија на лажни заби. Ова поттикнало и почесто прикажување на насмевката во уметноста, но главно од страна на француските револуционери, кои во кршењето на дотогашните конвенции на отсуство на смеа во уметноста гледале и чин на отпор. 

Ова сепак бил краткотраен тренд - насмевката повторно ќе исчезне сè до почетокот на 20 век кога ќе се појави под влијание на голем опсег фактори. Подоброто здравство е дел од приказната, но одиграле улога и холивудските ѕвезди и начинот на којшто тие биле портретирани, како и порастот на поединечните и семејните студиски портрети на кои вообичаено луѓето биле поттикнувани да се смеат. Денес, една од пет, од повеќе од 500 милиони твитер пораки секој ден, содржи насмеано емоџи. Тоа е лингва франка на глобализираната масовна култура на електронското доба. Најкористено од сите 3000 и кусур достапни емоџиња е „насмевка со солзи радосници“.

извор

13 јуни 2022 - 13:36