Во 1851, Карл Реинхолд Август Вундерлих, германски лекар и професор по медицина, почнал да користи нов инструмент - топломерот. Тој бил меѓу првите кој се обидел да утврди просечна температура на човечкото тело, иако не бил првиот: триесет години претходно еден пар француски доктори покажале дека болни делови од телото и мускули кои се напрегаат се потопли од остатокот од телото (последново го докажале со боцкање игла чувствителна на топлина во рака на човек додека цепел дрва). Tие исто така сугерирале дека просечната температура на човечкото тело е околу 37 Ц (односно 98,5 Фаренхајтови степени).
Вундерлих сакал да го провери ова. Користејќи 30 цм долг топломер, кому му требале 20 минути за едно мерење, тој ги регистрирал температурите на дури 25.000 пациенти и тоа во седум наврати - што вкупно изнесувало повеќе од милион отчитувања, повеќе од 250.000 часови или 10.000 денови на мерење температура!
Во неверојатен потфат кој барал многу трпение и прецизност (во тоа време немало ни калкулатори), Вундерлих го пресметал просекот на температурите и дошол до...37 Целзиусови степени.
Од тогаш до денес докторите и истражувачите постојано потсетуваат дека „нормалните“ телесни температури (во множина) варираат од човек до човек и зависат од бројни фактори: хормони, стрес, влијание на лекови, телесна маса.
Во 1992, тројца доктори од болница во Балтимор во тек на три дена по неколку пати им мереле темепратура на 148 мажи и жени. Нивната пресметка - просечната температура е пониска и изнесува 36.7Ц.
Дека човечкото тело во текот на последните неколку векови се лади, покажуваат дури 27 независни студии, меѓу кои и понова, од 2020, под наслов „Опаѓачка температура на човечкото тело во САД од Индустриската револуција“ на група научници од Стенфорд. Текстот комбинира неверојатен обем на податоци почнувајќи од 1860 па до 2017, и покажува намалување на температурата за 0.03 Ц по деценија. Не е сосема јасно дали ова се должи на техничките методи на добивање на температурата (кај Вундерлих под мишка, денес орално) или разликите во здравствената заштита и животниот век. Во времето на Вундерлих просечниот животен век бил 38 години, а голем дел од населението страдало од нетретирани хронични инфекции како туберкулоза, сифилис и други. Ова можеби доведувало до хронични воспалувања па оттаму и до повисоки телесни температури.
Промените во температурата на човечкото тело помеѓу 19 век и денес можат да дадат значајни физиолошки податоци за човечкото здравје и долговечност. Во последниве векови сме станале и просечно повисоки, и просечно подебели. Температурата е само еден од елементите кој ја рефлектира таквата промена. А согласно истата можеби треба да се калибрираат и „пиштолчињата“, кои имајќи го предвид сето ова можеби и не се толку релевантни за проценка на нечие здравје, освен ако температурата е навистина висока.