Книги на теми поврзани со демократија, дистопија, тиранија, феминизам и екстремно десничарска политика, рапидно се искачија на бестселер листите веднаш откако беше соопштено дека Доналд Трамп победил на американските претседателски извори.
„Приказната на слугинката“ на Маргарет Атвуд, која се одвива во тоталитарно општество во кое жените се присилувани да се репродуцираат, се искачи за повеќе од 400 места и во моментов е трета на списокот на американскиот Амазон.
„За тиранијата“ на историчарот Тимоти Снајдер сега е на осмото, откако се искачи стотици места во текот на денот. На 16-тото место, пак, се искачи „1984“ на Џорџ Орвел.
Сепак, најголем скок доживеа „Ретроградна демократија“ од Семи Сејџ и Емили Ејмик која е речиси на врвот на листата под име „Муверс енд шејкерс“, која ги рангира книгите со највпечатливо зголемена продажба во тек на минатите 24 часа, процент кој за оваа книга изнесувал ни повеќе ни помалку туку - 30.000%.
Изминатиот ден за 40.000 места се искачила и збирка есеи од 2014 на Ребека Солнит, под наслов „Мажите ми објаснуваат нешта“. „Трендинг“ е и книгата „Мажите кои мразат жени“, книга за мизогинија и радикализација на младите мажи онлајн од британската писателка Лаура Бејтс.
И мемоарот на Камала Харис, „Вистините до кои се држиме“ се искачи за речиси 2000 места во изминатите 24 часа. Во меѓувреме мемоарите на Меланија Трамп и ЏД Венс остануваат популарни, со тоа што старо-новата прва дама е на врвот на листата, а книгата на идниот потпретседател, „Хилибили елеџи“ е на бр. 7.