Кога критичарите прв пат се сретнаа со „Континент“ на авторката Кејра Дрејк, оваа приказна за тинејџер заглавен во војна помеѓу две племиња ја нарекоа „расистичко ѓубре“, поради стереотипното портретирање на луѓе со „црвено-кафена кожа“ или „бадемасти очи“ во неа
Авторката се извини, и го одложи официјалното излегување на книгата. Нејзиниот издавач, Харлекин Тин, ја испрати книгата на двајца „сензитивити ридерс“, кои беа задолжени да ги регистрираат предрасудите и проблематичниот јазик во неа. Потоа Дрејк, врз основа на нивните забелешки, повторно се фати за работа.
Ова не е исклучок во издаваштвото во последниве години, туку практика која ги приморува писателите да се адаптираат на нов свет, каде бурно се реагира на секаква, дури и најмала назнака за (наводна или реална) културна несензитивност или расно стереотипизирање.
Ваквите „политичко коректни читатели“ наплаќаат на саат, а нивните хонорари почнуваат од 250 долари по ракопис. Побарувачката за нив е многу висока: на социјалните мрежи фрчат барања на автори по вакви читатели („Барам црн муслиман за политички коректно читање, итно“, или „Барам јапонски или јапонско-американски политичко коректни читатели“, велат огласите). Некои од нив го прават ова затоа што мораат (така ги условува издавачот), но други велат дека тоа им помага во стилска смисла, да истакнат некои детали, а да маргинализираат други. Трети воопшто не сакаат да слушнат за некакво коректно читање, па дури и кога мораат да најмат ваков читател се расправаат со него и не прифаќаат забелешки.
Но што ако ја примениме истата политичка коректност на класичните дела? Дали тоа значи бришење на цела „Мадам Бовари“, затоа што на Флобер му фалело искуство со ликови на провинциски домаќинки? Или дека не треба да го читаме „Отело“ затоа што Шекспир не знаел како е да си црнец?
„Денот кога мој роман ќе биде испратен на политичко коректно читање ќе биде денот кога ќе се откажам од пишување“, вели Лајонел Шивер, авторка на познатата „Треба да зборуваме за Кевин“ (според која е снимен истоимениот филм со Тилда Свинтон). Од друга страна, ваквите читачи велат дека тие немаат голема моќ на одлучување што ќе остане во ракописот а што ќе биде променето, туку само ја нудат својата перспектива на работите. Наместо „Не може вака да го опишуваш овој лик“, тие велат „А си размислил ли дали може да биде вака?“, „Дали си го истражил ова?“ Иако некои од нивните забелешки можеби се корисни, ова сепак за многумина претставува систематска цензура и не-слобода на изразување кои се промовираат под плаштот на коректноста, односно од страв да не се биде оцрнет за спротивното.