Нова претстава инспирирана од друштвената игра „Клуедо“

Познатата игра-мистерија за три до шест играчи била креирана во 1943 од музичарот Ентони Е. Прат, како начин да се преживеат непроспиените ноќи во текот на Втората светска војна. До денес таа е една од најпопуларите од овој жанр. Сега според неа e направена театарска претстава.

Марк Бел е познат британски театарски режисер, кој го искористил сценариото за филмот „Клу“ (1985) на Џонатан Лин, како и основните елементи на друштвената игра „Клуедо“, за да ја направи истоимената претстава - мешавина на трилер, мистерија и комедија.

Група туѓинци се поканети во куќа која повеќе личи на замок. Ноќ е, и почнува бура. При пристигнувањето, ним им се дадени прекари - Професор Плам, поручник Мастард, госпоѓица Скарлет, госпоѓа Пикок, госпоѓа Вајт и свештеникот Грин. Кога се запознаваат сфаќаат дека сите ја добиле истата мистериозна покана од извесен лорд Боди (во американската верзија г-дин Блек). Наскоро станува јасно дека сите имаат некаква тајна, а тензијата се зголемува како што жителите и гостите на Боди Манор се убиени еден по друг, со различни оружја (нож, револвер, јаже, свеќник и др.)

Драмата е оригинално сместена во Вашингтон, но Бел ја има променето локацијата во голема куќа надвор од Лондон, па референците на американски политичари стануваат референци за британските членови на парламентот. Исто така променет е периодот од средината на 1950-тите во 1949, годината кога играта е прв пат објавена во Британија. Овој период според режисерот е по „агатакристиевски“.

Во интервју за Гардијан тој објаснува дека најтешко било да се постигне комичниот ефект, во драма во којашто всушност се случуваат трагедии. „За публиката ситуациите може да се смешни, но не и за луѓето на коишто се најде среде мистериозни убиства и кои се плашат за сопствените животи. Тие мораа да се однесуваат како реални луѓе“. Границата меѓу вистинитоста и пародичноста е она што било негов најголем предизвик.

Премиерата на „Клуедо“ се случи во тетарот Черчил во Бромли. Таму ќе игра до 5 февруари а потоа оди на турнеја до 30 јули.    

27 јануари 2022 - 16:31