Букбокс гледаше: „Саканиот“ (2026) или кога со скриени камери ќе ја снимиш првата средба на актерите кои добиле различно сценарио

Филм кој е омаж на филмските професии, особено на актерите. Ова го покажува почетната сцена во која режисерот Родриго Сорогоjен ги ставил Хавиер Бардем и Викторија Луенго пред камера како татко и ќерка што одамна се отуѓиле, без притоа да ги запознае. Од таа непријатност — од обидот да се воспостави близина без однапред изградена актерска хемија — стигнал до поголемите теми на филмот.

Во филмот „Саканиот“ (El ser querido - блискиот, саканиот, 2026), Хавиер Бардем го игра Естебан, славен, но тирански настроен филмски режисер-оскаровец, кој по 13 години се обидува повторно да воспостави контакт со ќерка си Емилија (Викторија Луенго), „великодушно“ доделувајќи ѝ една од главните улоги во својот нов филм. Таа е актерка што се обидува да изгради сопствена кариера, а тој човек чиј професионален успех не може да ја надомести штетата што ја направил во приватниот живот. По години отуѓеност, двајцата повторно се среќаваат во ресторан. Тоа е и почетната сцена на филмот и вистинскиот почеток на нивната заедничка работа пред камерата.

Сорогoјен сакал нивната непријатност да биде што е можно пореална. На двајцата им дал различни спомени, сопствена верзија на минатото и разбирање на она што се случило меѓу таткото и ќерката - практично различно сценарио. Некои од тие спомени се совпаѓале, други не. На денот на снимањето актерите седнале еден спроти друг во ресторан, со десет страници текст и слобода сами да одлучат како ќе влезат во дијалогот и како ќе излезат од него. Сцената била снимана во еден долг кадар, околу час и половина, со пет скриени камери. Во финалната верзија останале околу дваесет минути. Според Бардем, двајцата толку се внеле во ситуацијата што кога се слушнало „кат“ се штрецнале - заборавиле дека се снима.

Сцената ја поставува и главната тема на филмот: како луѓето ги конструираат приказните за сопствениот живот. Естебан е филмски режисер, човек што професионално создава туѓи светови и управува со емоции. Но кога треба да се соочи со сопствената ќерка, се покажува дека не може така лесно да ја режира реалноста. Тој има своја верзија на минатото, таа има своја, а меѓу нив останува простор исполнет со вина, огорченост и нешта што никој не знае како да ги изговори. Во семејните односи, за разлика од филмот, не постои копче за повторно снимање на сцената.

Бардем во интервјуа поврзани со филмот зборува и за токсичните работни средини што ги сретнал во текот на кариерата, во кои стравот и несигурноста понекогаш се претставуваат како почит. Тоа искуство е важно за разбирањето на Естебан, режисер чиј авторитет лесно преминува во контрола на и вон сетот. Како омаж на правењето филмови воопшто, режисерот воведува и технички мета-моменти - користел 65мм, 35мм, 16мм и 8мм филм, како и дигитално снимање, црно-бели и колор снимки. Менувајќи го физичкиот медиум тој го менува и доживувањето на различните сцени, покажувајќи некои од можностите на филмот како алатка во рацете на вештите. Долго време по една тензична сцена во која актерите треба во 9 наутро со саати да голтаат (и убедливо да џвакаат!) чорба со мрсна скуша ќе се чувствувате лошо, како да сте биле на лице место.

Илина, Букбокс

20 октомври 2026 - 09:23