Не е многу стар (роден е 1968), но Kaрл Уве Кнаусгорд (точен изговор на неговото име на 7:37 тука, кај нас преведен како КнаусгАрд) од 1998 кога е објавен неговиот дебитантски роман „Вон овој свет“ има напишано купишта страници, меѓу кои „Мојата борба“ во шест тома и „Сезонската енциклопедија“ во четири дела (Есен, Зима, Пролет, Лето). Најновата книга која излезе на англиски на крајот на април, е посветена на неговиот славен сограѓанин, Норвежанецот Едвард Мунк. Кнаусгорд бил поканет како куратор на изложба во музејот на овој уметник во Осло, што го инспирирало да ја напише книгата, а и да режира документарец.
Мунк, кој живеел од 1863 до 1944, е најпознат како авторот на „Крик“, едно од ретките уметнички дела кое е доволно познато за да инспирира поп-културни пародии. Но Кнаусгорд сакал да открие една друга страна на Мунк, осамен човек кој никогаш не се оженил, немал деца, а за време на животот не доживеал ни приближно од славата која ја ужива денес.
(„На смртна постела“, 1896)
Во интервју за Венити Фер Кнаусгорд ја објаснува својата мотивација да се занимава со овој уметник, кој за десет години ги направил сите слики по кои е денес познат. Но потоа живеел уште 50, секој ден сликал, а јавноста не знае речиси ништо за овие останати слики, со кои писателот дошол прв пат во допир во депото на Музејот.
Мунк според него бил многу, многу тежок човек. Суетен, самоуверен и веројатно брилијантен кога станува збор за сликање, но за многу други работи прилично терсене. Толку се занесувал во сликањето што останатите делови од својот живот, особено пријателите и дружењето, сосема ги запоставувал.
(Aвтопортрет помеѓу часовникот и креветот, 1940-1943)
Кога имал 22 години ја насликал својата прва слика, на која е претставена неговата сестра на мртовечка постела, a на истиот мотив на болно дете се навраќал уште на серија масла и графики (горе). Првата ја правел цела година, а кога била јавно прикажана луѓето реагирале со потсмев.Но истовремено со неговото творење, во уметноста работите почнале да се поместуваат - Кнут Хамсун во Новрвешка, Август Стринберг во Шведска, Ван Гог (за чии дела Мунк веројатно знаел). Сега никој не се потсмева со овие дела кои се вградени длабоко во европското културно наследство.
(„Вечер во улицата Карл Јохан“, 1892)