Ова е извадок од касета за самохипноза, снимена во 1996 од Марлон Брандо, само мал дел од 300 часови аудиозаписи кои славниот актер ги правел со години. Еден нов документарец за него, под наслов „Слушај ме, Марлон", е базиран токму врз нив, а вклучува и извадоци од негови филмови, историски снимки, и сенишна верзија на Брандо создадена од дигитални скенови направени во 1980-тите од страна на негов пријател. За продукцијата е направена и дигитална копија на простории од неговиот сега уништен имот на Мухоланд драјв во Калифорнија.
За британскиот режисер Стиван Рајли Брандо бил „затвореник на сопствената слава", а според продуцентот Џон Батсек („Барајќи го Шугармен") тој не бил лош човек, но самиот си го комплицирал животот, увидувајќи си ги грешките, но не можејќи да престане да ги прави. Аудиозаписите му биле начин на интроспекција, во која сега ќе имаат увид и помладите генерации, кои можеби слушнале за него само од „Кум". Ќерката на Брандо, Ребека, која била консултирана при правењето на филмот, при првото прикажување на филмот на фестивалот Санденс не можела да издржи да го гледа затоа што го доживеала како прв „средба" со татко ѝ, по неговата смрт во 2004, на 80 години.
Еден дел од филмот привлекува особено внимание, оној во кој Брандо зборува за снимањето на „Апокалипса сега" и неговиот однос со режисерот Кoпола. Во документарец на оваа тема од 1991, „Срцата на темнината: апокалипсата на еден режисер" е раскажана верзијата на настаните на Копола, која во голема мерка се базира на обвинување на Брандо за неговата прекумерна тежина и незаинтересираност во текот на снимањето, што довело на сетот да владее вистински хаос.
Но вистината е малку посложена - прво тајфун ја уништил целата сценографија, го одложил снимањето за шест недели и го зголемил буџетот за 2 милиони долари. Денис Хопер бил постојано на кокаин, а Мартин Шин за малку ќе починел од срцев удар. Кога пристигнал на снимањето Брандо наводно тежел 136 килограми, што довело до тоа Копола да мора да го облече во црно, да го снима во полусенка и тоа главно во лицето. „Мојот филм не е за Виетнам - тоа е Виетнам" изјавил режисерот на прес конференцијата по премиерата во Кан. Но Брандо на аудио снимките вели дека главната вина била во Копола, кој го почнал снимањето без сценарио, трудејќи се нешто да импровизира, и дека токму Брандо му го напишал, вклучително менувајќи го карактерот на полковникот Курц кого го играл, на тој начин „спасувајќи му го газот" на режисерот.
Трејлерот:
И да искористиме прилика за уште една фотографија на (младиот) Брандо: