Носталгијата по „мажествени мажи“ во 17 век

Една од егоцентричните карактеристики на секоја историска епоха е да мисли дека токму нејзе ѝ се случуваат некои нешта, без оглед дали се тие добри или лоши. На пример, сте слушнале дека денешните мажи се префеминизирани, односно дека им фали „она нешто“ што ги прави „посилниот пол“? Епа истото за своите го мислеле и Шпанците од 17 век.

„Каде се мажите на Шпанија?“, воскликнал  доминиканскиот свештеник Франциско де Леон на проповед во 1635. „Она што го гледам се феминизирани мажи...мажи претворени во жени“.

Шпанија во раниот 17 век била некогашна супериорна светска сила, која на глобалната сцена почнала да опаѓа. Голем број писатели и влијателни јавни личности, како споменатиот свештеник, причината ја барале во опаѓањето на машкоста на своите граѓани. Тие веќе не се фокусирале на водење војна, почитување на верата или правењето пари, туку на јадење, пиење, убава облека и одење во театар. 

Ова се случува во момент кој се смета за опасен за кралството. Увозот на стоки произведени во странство ја уништувал локалната индустрија и занаетчиите. Инфлацијата била висока. Кога на ова ќе се додаде и бранот бубонска чума, црвениот аларм бил вклучен за економијата на земјата. Многумина сметале дека главниот проблем бил отсуството на воља да се работи тешка физичка работа, особено во земјоделието.

Моралистите од тој период промовирале пожелни модели на мажи, како светецот Сан Исидоро, средовековен селанец, понизен работник без каков и да е интерес за политичка моќ. Бил канонизиран 500 години по смртта, како модел на маж со доблести на земјоделец, толку потребен за опоравувањето на Шпанија. Друг идеал бил св. Јосиф. Пред средината на 16 век, тој бил портретиран како стар и истоштен човек, но во следниот век сликите на кои бил претставуван го прикажувале како „млад и ентузијастичен“, дури и „секси“ дрводелец. 

Но од мажите од високата класа не се очекувало да се занимаваат со физичка работа. За нив модели биле храбрите средовековни витези. Писателите ги повикувале младите благородници да тренираат јавање коњи, пукање од пушки и стрелање со лакови. Многумина стравувале дека привилегираните младинци наместо тоа го минуваат времето играјќи глупави игри во дворот и генерално уживајќи во правењето ништо. 

Мета на критика бил и нивниот начин на облекување, кој бил опишуван и како женствен и како непатриотски, со оглед на тоа што облеката била често правена во други земји. Генерално, критикувањето на овие мажи било лесно, но наоѓањето начин тие да бидат обучени за воена служба, за тешка работа или за самоконтрола било потешка задача. 

извор

23 март 2023 - 10:02