Нобеловката Ани Ерно е антисемит?

Тазе лауретот на високото признание за литература за 2022 на повеќе наврати има поддржувано анти-израелско движење. Дали ова може да се смета за антисемитизам, или едноставно за критика на израелските политики?

По само неколку дена откако е овенчана со нобелови ловорики, француската писателка Ани Ерно се најде на насловните страници поради нејзината, како што ја нарекува германскиот весник „Билд“, „мрачна страна“. Станува збор за тоа дека во повеќе наврати таа јавно искажала поддршка на „Бојкот, деинвестиции и санкции“, движење познато под акронимот БДС, чија цел е да изврши меѓународен притисок на Израел за прекин со окупацијата на палестинските територии. 

Активистите на БДС го обвинуваат Израел за колонијализам и го споредуваат со оној јужноафриканскиот за време на апартхејдот. Тие оттаму се трудат да ја изолираат земјата економски, културно и политички. Водечките претставници на БДС дури го негираат правото на Израел воопшто да постои како држава. Еден од најгласните поддржувачи на движењето е пинк-флојдовецот Роџер Вотерс.

Весникот „Џерузалем пост“ известува дека во 2018 Ани Ерно потпишала писмо со уште 80 други културни дејци, во кое се вели дека државата Израел била претставена премногу позитивно во француските медиуми. „Секој човек има морална должност да одбие нормализација на релациите со Израел“, пишувало во него.

Во мај 2019, пак, таа со повеќе од 100 други француски уметници потпишала писмо со кое се бара бојкот на Евровизискиот натпревар, кој таа година се одвиваше во Тел Авив. Тие ги повикаа француските радиодифузери да не вршат пренос од истиот.

„Џерузалем пост“ ја обвинува Арно и за поддршка на повикот за помилување на Џорџ Абдала, либански комунист, кој убил американски офицер и израелски дипломат. Но во овој случај и Француско-еврејска унија за мир исто така се заложила за негово ослободување, и покрај тоа што Абдала бил на страната на Палестинците и против колонизацијата. 

Според познавачите на ликот и делото на Ерно, нејзините ставови кон Израел немаат никаква врска со антисемитизам, туку повеќе со нејзините левичарски ставови и сочувството кон опресираните. Медиумското покривање на оваа тема последниве денови, откако таа ја доби Нобеловата, особено во Израел се оценува како медиумска „смртна казна“. 

Сепак, не сите се согласуваат со ваквата дистинкција. Германскиот Бундестаг, на пример, со резолуција од мај 2019, одлучи дека кампањата на БДС против Израел е антисемитска, па оттаму сите оние кои ги поддржуваат ставовите на организацијата индиректно се поддржувачи на антисемитизмот. Така е и портретирана Ерно во дел од германските медиуми. Сепак, засега нема активни повици за бојкот на нејзините дела, во кои нема ни „а“ од антисемитизам. Реагирајќи на веста за престижната награда, таа изјавила дека ја разбира како повик да ја продолжи својата борба против каква и да е неправда. 

извор

12 октомври 2022 - 11:40